Комеморација за академик Матевски

Матеја Матевски е поет кој направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Неговото творештво и понатаму продолжува да биде богата ризница за мноштво толкувања, беше истакнато на комеморативната седница по повод смртта на академик Матеја Матевски.

„Веќе имам напишано, а и денес цврсто стојам на убедувањето дека Матеја Матевски е поет кој во македонската поезија ги напиша првите стихови кои звучат навистина модерно и чија што модерност не изгубила ништо од својата длабочина и свежина“, вели академик Влада Урошевиќ.

„Ќе побарав совет од него, мислење за значајни прашања за прашања или проблеми  со кои академијата се соочуваше во нејзиното работење. Ги добивав редовно. Матеја знаеше и самоиницијативно во писмена форма да ми испрати мислење, предлози и сугестии за различни прашања. Го правеше тоа умесно, ненаметливо и крајно коректно“, изјави претседателот на МАНУ Таки Фити.

За жал многу пати се заборава и прескокнува фактот дека Матеја Матевски не е само врвен поет, супериорен преведувач, книжевен критичар и есеист, строг и објективен уредник, туку и тетарски човек од грамаден формат, забележа Јелена Лужина.

„Матеја Матевски е театарскиот човек од грамаден формат, театарџија од врвен маштап, кој својата иницијална младешка импресија од оној аристотелијански мимезис упорно ја развивал, продлабочувал и систематски ја доусовршувал“, изјави Проф. д-р Јелена Лужина.

За своето творештво Матевски ги доби највисоките домашни признанија и бројни светски кои го вброија во централните фигури на растеж и триумфални походи на македонската поезија низ светот Критиката не успеваше да го следи поетот на тој негов забрзан пат и таа огромна планина стихови го очекува допрва својот толкувач и откривач, заклучучи акад. Урошевиќ.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ