Кој ќе го замени министерот за култура во заминување?

Кој ќе седне во министерската фотеља во ресорот Култура, по повлекувањето на актуелниот министер Асаф Адеми, поради здравствени причини ?

Неофицијално, три имиња сега се вртат во круговите на владеачката СДСМ:  Аднан Џаферовски, Цветанка Ласкова и Едмонд Адеми.

Извори од партијата велат дека биле многу задоволни од реформите кои нивниот член, Аднан Џаферовски ги спровел во Дирекцијата за заштита и спасување, како директор.

Па, размислувањата тој да го замени Адеми од БЕСА, во партијата ги темелеле на очекувањата Џаферовски да спроведе брзи и ефикасни реформи во Министерството за култура и да ја намали превработеноста во оваа институција. Цветанка Ласкова е актуелен посебен советник за култура на премиерот Заев, долгогодишен координатор на Форумот на жени на СДСМ, а беше вклучена и во ревизијата на Годишната програмата за култура, изјавувајќи дека е мост меѓу ресорното министерство и Владата.

Едмонд Адеми е министер без ресор, задолжен за дијаспората. Неговото име како потенцијален министер за култура беше во оптек со доаѓањето на владеачката коалиција на власт, но премиерот Заев тогаш му даде шанса на Роберт Алаѓозовски. Нашиот извор од СДСМ вели дека Асаф Адеми веќе втора седмица користи боледување и не доаѓа на работа.

Се очекува да се врати на 8 април и да потпишува решенија по ревидираната Годишна програма. Нејзините резултати предизвикаа бура од незадоволство во јавноста, по што реагираше ДКСК. Нејзината претседателка, синоќа во емисијата „ Вин- Вин“, рече дека според првичниот увид, комисиите оценувале субјективно.

“Имаше смешни ситуации каде за иста цел се добиваат различни бодови или се добива процент, а тоа претворено во пари е многу различна сума. Значи, очигледно дека има голем дел субјективизам од членовите на комисијата. Сега зборувам паушално. Тоа не е доистражено”, рече претседателката на ДКСК ,Билјана Ивановска.

Отсутниот министер за култура, Адеми, не одговори на нашите повици и пораки за изјава.

Иако го заменува, заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, уметници и културни работници деновиве реагираа дека во Министерството се е запрено, дека нема решенија по апликациите, нема пари за работа и дека започнатите проекти се стопирани поради финансиската неизвесност.

Незадоволни се и од СК, зашто најавеното нивелирање на платите што им го вети лани министерот Адеми, дека ќе се реализира до март, годинава, Министерството за култура го одложи по претседателските избори.

Најверојатно, по вториот круг на претседателските избори, на 5 мај, ќе се знае кој ќе биде нов министер за култура.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ