Ќе се менува постоечкиот Закон за култура, додека не се донесе нов

Министерот за култура Асаф Адеми се сретна со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, кои на прес-конференција излегоа со барања како реакција на резултатите од Годишните конкурси за  финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2019 година, стои во соопштението од Министерството за култура.

 

Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија во натамошниот процес на донесување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, во Работната група да има член од оваа иницијатива.

Беше договорено, до донесување на новиот Закон за финансирање на јавниот интерес во културата, веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постоечкиот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата, а во работната група за промена и дополнување на постоечкиот закон за културата  ќе се вклучи и член од иницијативата.

 

Иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ ќе организира јавни дебати на кои активно учество ќе земе Министерството за култура, а на кои ќе се разговара и ќе се утврди модел за распределбата на буџетот во културата, по дејности.

Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи  со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности.

Министерот Адеми, ги информираше менаџерите во културата дека комисиите по дејности  ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

 

Министерот Адеми и на средбата потенцираше дека комисиите работат во согласност со Законот за културата, но дека има формални можности, со упатување жалба или поради реакции во јавноста, покрај одбиените проекти за кои комисиите утврдиле дека се од национален интерес,  да се преиспитаат и одобрени проекти за кои постои сомнеж за нерегуларност во оценувањето, стои во дописот на Министерството за култура.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ