
Ќе се чешла целокупната музејска инфраструктура во Македонија
Музејот на ВМРО, Археолошкиот, но и сите постари музеи и заводи во Скопје и во останатите градови низ државата, ќе бидат ревалоризирани и рестуркурирани. За таа цел Министерството за култура формира нова работна група по урнекот на веќе постоечката, за проектот „ Скопје 2014“. Нејзина цел, како што велат од овој ресор, ќе биде истражување на сите постапки, аспекти и активности, поврзани со индиции за крупни грешки и недостатоци во музејската дејност.
„Некои музеи не ги исполнуваат музеолошките стандарди, некои музеи се можеби одповеќе во нашиот културен систем, создадени со поделба на музеи. Некои музеи и не успеваат да ја остварат својата функција. И се надеваме дека оваа работна група ќе направи добра анализа и ќе најде начини за одржливост на музејската дејност која што ни е мошне важна“, кажа Петрит Сарачини – Министерство за култура.
Одлуката за ревалоризација на музејската дејност преку делување на новата работна група дошла по повеќемесечно следење на работата на музеите во земјава, од страна на министерот Алаѓозовски, при што во дослух со вработени и експерти се констатирани повеќе недостатоци, вели Сарачини и додава дека крајната цел е пронаоѓање механизам за одржливост и за правилно функционирање на сите музеи во државата.
Од министерството информираат и дека се во финална фаза на преговори со изведувачите за раскинување на договорот за градење на споменичниот комплекс „Мајка Тереза“ , на плоштадот Македонија.
Со тоа ќе запре одливот на средства и мегаломанството кое нема врска со ликот и делото на нобеловката, децидни се од овој ресор. Наместо донација од индискиот бизнисмен Субрата Рој, поради неговото апсење за неплатен данок, инвеститор на споменикот беше Министерството за култура. Тоа според истражувањата на БИРН дало околу 5 милиони 612 илјади евра за споменикот на Мајка Тереза, што го градеше фирмата Бетон од Скопје. За овој споменик се изјасни и работната група, опишувајќи го неговото подигање како прекршување на правото за достапност и користење на земјиште за општа употреба.
Сотир Трајков