Казахстанскиот Тутанкамон од утре пред домашната јавност

Од утре вечер во 19 часот, па до средината на август,  Златниот човек од 5 век п.н.е. познат како „казахстански Тутанкамон“ ќе биде изложен во Археолошкиот музеј во Скопје. Најпознатиот и најзначаен археолошки пронајдок од Казахстан е идентификуван од научниците како 18-годишен воин на Сака – племе од азискиот народ Скити кои во минатото владееле со пространите казахстански степи. Оттука е и насловот на гостинската изложба од Националниот музеј на Република Казахстан – „Великата степа: историја и култура“ која покрај Златниот човек ќе прикаже 189 ексклузивни предмети – накит, воена и коњичка опрема, традиционални ракотворби, велат од Археолошкиот музеј.

  • Оваа изложба ќе раскаже дека иднината е невозможна без да се погледне во минатото. Посветена е на античката историја на Казахстан и се одржува во рамки на меѓународниот проект „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот”. Скопје е деветтиот град во кој ќе биде прикажана, а посетителите ќе го видат единственото историско наследство на Големиот степски појас на Евроазија. Главниот експонат на изложбата е воинот на Саките или, како што понекогаш го нарекуваат – „казахстанскиот Тутанкамон”, во полна опрема, вели директорот на Казахстанскиот музеј, Алмаз Шајкенович Нуразхан.

Златниот човек бил откриен 1969 година, кога казахстанските археолози, предводени од Кемал Акишев, копале во огромeн насип на локалитетот Исик,  50 километри источно од градот Алмати, во близина на голем комплекс од тумули (насипи) – 45 земјени пирамиди  на растојание од три километри.  И покрај импозантноста на соседните погребувања високи до 15 метри, самиот Исик не се издвојувал со ништо, поради неговата висина од само 6,5  метри.

  • Како и другите гробници под могили, Исик бил ограбен во античко време. За среќа на науката, ограбувачите не го забележале страничниот, не толку значаен гроб, во кој лежеле остатоци од човекот, кои сега во светската наука се внесени под името „Златниот човек на Исик”, раскажува  директорот на Националниот музеј на Казахстан.

Златниот човек е најголемата атракција на овој музеј кој се наоѓа во главниот град Нур-Султан. Телото му е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека нему му припаѓале и златните обетки и прстени пронајдени во гробот.

Во 1947 година археолозите почнале со ископување на курганите на Алтајските Планини – на оние места каде што според Херодот талкале племињата Саки.

  • Резултатите од овие ископувања беа навистина сензационални. Слојот пермафроза буквално ги сочувал во првобитната состојба не само облеката, туку и телата на погребаните. По илјадници години истражувачите можеле да ја проучат дури и тетоважата на погребаниот благороден воин, која била многу ретка во својата софистицираност и изработена целосно во животинскиот стил на скитската уметност, вели Нуразхан.

Златниот човек во рамки на изложбата „Великата степа: историја и култура“ досега гостувал во Минск, Москва, Баку, Сиан, Гдањск, Сеул, Казан и Ташкент. До крајот на следната година проектот ќе ги опфати Источна и Југоисточна Азија, Европа и САД.

Посебно место на оваа изложба има и сребрената чаша со рунски натпис, древен споменик на писменоста. Натписот сè уште не е целосно дешифриран.

  • Во секој случај, не постои сомнеж дека во 4 век п.н.е. веќе постоело пишување во Великата степа. Овие наоди од Исик им овозможиле на научниците нова гледна точка на античката историја на нашата земја  и да го откријат богатиот свет на луѓето кои живееле на територијата на денешен Казахстан, вели Нуразхан.

Влезот за посетители на едномесечната изложба „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот“ ќе биде бесплатен, соопштија од Археолошкиот музеј.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ