
Карабината на Турскиот театар градена дилетантски и со пробиена финансиска конструкција и рок за градба
Наместо стаклена фасада, бетон и цигли. Вака изгледа карабината за новиот објект на Турскиот театар, петта година по почетокот на градежните зафати. Иако беше најавено од претходната власт дека ќе биде готова до крајот на 2015, карабината е завршена неодамна. Појава на подземни води поради кои морало да се менува проектната документација, а со тоа и цената на чинење од 4 на 5 милиони евра,но и политичката одлука на претходната власт, турската заедница да биде маргинализирана, се причините за оддолжување на изградбата на објектот, рече министерот за странски инвестиции, Аднан Ќахил.
„20 илјади метри квадратни со една катна гаража. Апсолутно, тоа кажува дека дилетантски е работена работата. И втора работа, дека тука има подземни води. Секој што испитувал геолошки знаел. И зошто баш тука се градело кај што има подземни води, да направат на овој начин? Мислам дека таквите работи се објаснети без објаснување“, кажа Аднан Ќахил- министер за странски инвестиции.
Според министерот за култура, сега се расплеткуваат заостанатите долгови околу изградбата на карабината.
„Дали се правилно исплатени одредени фактури, дали одредени барања, дадени на суд се исправни и објективни? Така што се надеваме дека во многу скоро време и тоа ќе го расчистиме. За да можеме во втората фаза да стартуваме со чиста ситуација“, кажа Роберт Алаѓозовски – Министер за култура.
Поради ваквата ситуација, македонската и турската страна на ново ќе постигнат договор за доградување на објектот, а финансиската конструкција ќе биде направена до крајот на јуни. Готовност за соработка, за довршување на новиот Турски театар, изрази директорот на генералниот директорот на Државни театри на Турција, Мустафа Курт. Тој рече дека едвај чекаат да соработуваат со Турскиот театар и на уметнички план.
Сотир Трајков