Извршено порамнување на платите во културата, исплатата по претседателските избори

Министерството за култура изврши анализа на потребните средства за нивелација, односно порамнување на платите на вработените во установите од областа на културата по дејности, во согласност со постојните колективни договори на ниво на установи, велат од ресорот Култура во допис до јавноста. Работната група формирана во рамките на Министерството за култура во изминатиот период  ги изврши пресметките за потребните финансиски средства за порамнувањето на платите. Во согласност со Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршувањето на изборот за претседател на Република Северна Македонија не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетските средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите  едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори. Имајќи ги предвид наведените законски одредби, до завршувањето на претседателските избори не постојат законски предуслови да се заврши постапката за нивелација на платите на вработените во установите од областа на културата, велат од Министерството за култура.

Реакцијата на министерството доаѓа по јавно искажаното незадоволство на Синдикатот за култура , во врска со ланското ветување на министерот во заминување, Асаф Адеми, дека до март годинава, порамнувањето на платите во културата по дејности, ќе биде завршено. Потоа СК доби уверување од министерството дека нивелирањето се одложува за април, а кон крајот на март им беше кажано дека спроведеното нивелирање на платите сепак ќе биде одложено за по претседателските избори. Иако планираа, од СК се откажаа од протести, давајќи им шанса на дијалогот и соработката со ресорот Култура. Но како што велат, останува опцијата за протести доколку нивните барања не бидат задоволени ни по претседателските избори.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ