Изумира ли боемството?

Боемството во Скопје има голема традиција, во извесна форма тоа живее и денес, но тоа што е најважно се каже во овие празнични денови, дека боемството не е само седење во кафеана и пиење, туку цела животна филозофија и однос кон нештата кои не опкружуваат.

  • Знаете и најголемите скопски боеми биле и врвни интелектуалци, врвни новинари, но кои имале свој критички став кон својата околина, према социјалата, кон општеството итн. Тој однос е всушност вистински боемски однос. Од артистите на пример за Димитар Гешоски Гешо во Клубот на уметниците на улица „Максим Горки“ постоеше една плоча за неговиот лик и дело на која пишуваше „Висока школа на скопската боемија“, рече Данило Коцевски, новинар и публицист.

Бранко Заревски, Гане Тодоровски и Анте Поповски, Бранко Варошлија, Жоро Божиков, Петре Прличко, Тодорче Николовски и Ацо Јовановски беа вистински боеми,  додава Коцевски. Сите тие се луѓе кои оставиле траен белег во нашата култура. Многу кафеани има денес, но малку боемштина.

  • Еве се наоѓаме пред кафеаната „Идадија“ која е една од најстарите скопски кафеани која полни 90 години, речиси еден век, а град кој има кафеана еден век стара мора да има и боеми. Дебармаалци секој први јануари доаѓаат тука, одбележуваат нова година, а податокот е дека тоа собирање на први јануари започнало верувале или не во 1929 година, рече Данило Коцевски, новинар и публицист.

Чекорејќи низ улиците и мноштвото кафеани  во Дебар маало кои беа преполни со насмеани луѓе, но и оние скептичните кои сумирајќи ги своите впечатоци дека Новата година нема да им донесе ништо ново,  Данило Коцевски ја сподели и својата новогодишна желба дека би сакал боемските улици во Дебар маало да се разубават со соодветни скулптури на скопските боеми кои тоа вистински го заслужуваат.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ