Изложба на фотографии со наслов „Цензура“ во Мала станица

Изложба на фотографии со наслов „Цензура“ на младата фотографка Соња Ставрова, во Национална галерија – Мала Станица, ќе биде отворена во понеделник на 06 мај во 20 часот.

Цензура е тема која датира уште од п.н.е и се уште е актуелна. Секојдневно сме сведоци на различни облици на цензура. Почнувајќи од односот родител дете каде што се случува децата да бидат замолчувани па се до моментот на зрелата сексуалност, постојат одредени општествено прифатливи граници на однесување кои доколку се преминат следува стигматизација.

„Целта со оваа изложба ми е да укажам на засегнатите никогаш да не престанат да се борат. Таргет група ми се младите луѓе кои допрва ќе се оформуваат како личности. Сакам јасно да укажам на правото на слобода на говор и искажување мислење“, вели Соња Ставрова.

Во овој проект е опфатена темата цензура во нејзиното пошироко и потесно значење, како глобална тема од светски размери, но и како сегмент од конкретни примери на нашето секојдневие. Од појавата на цензурата па се до нејзина имплементација во сајбер просторот, како и различни форми на цензура и неподготовеноста да се даде простор на добра критика ќе бидат во фокусот на моето истражување. Поентирање на заедничкиот проблем, негово рефлектирање на маргинализирани групи, фокусирање кон себе си и правото на слобода на говор како крајна цел.

„Цензурата како забрана и стега отвара простор за творење кој постојано и пркоси на контролата. Секое излегување надвор од границите нè носи во полето на креативноста каде се создаваат нови дела кои стремат кон нивна валоризација. Говорот на омраза и ограничувањата коишто ги туркаат жртвите на маргините, во исто време им даваат крилја кои се широко раширени во уметничката творба. Сметам дека уметниците се тие кои треба директно да алудираат на конкретниот проблем и никогаш да не дозволат да бидат цензурирани или самоцензурирани. Излегувањето од рамките на цензурата дава целосна слобода“, објаснува Соња Ставрова.

Таа вели дека глобалните општествени теми и темите кои директно влијаат на младиот човек секогаш се нејзина најголема инспирација и постојан извор на мотивација. Бидеќи тоа што нам ни се случува најблиску и најисцрпно можеме суштински да го прикажеме со нашите дела, а во истовреме да влијаеме на општествените промени.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ