Избрани четири финалистки за наградата Денес

Факултетот за работи што не се учат од Битола и Центарот за современи уметности од Скопје, по 15 пат спроведоа избор на млади визуелни уметници до 35 години, од кои ќе се селектира победникот за наградата Денес. Наградата Денес се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која вклучува критичко и естетско размислување и делување, и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава.

Отворениот повик траеше од 15 октомври до 5 декември, 2019 година и се пријавија повеќе кандидати. Жири комисијата во состав: Верица Ковачевска, уметничка и последна добитничка на наградата ДЕНЕС, Биљана Тануровска – Ќулавковски, курторка во областа на современите изведувачки уметности и коосновачка на Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста во Скопје и Алберт Хета, уметник и уметнички директор на Стацион – Центар за современа уметност во Приштина, одбра четри финалистки кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата која ќе се додели во април 2020 година.

Во изборот на 4 финалисти влегоа: Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Симона Манчева и Елена Чемерска. По овој процес на одбирањето на финалистките, следува изработка на ново дело кое ќе се претстави на групна изложба на 15 април 2020 год. во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. А жирито, кое ќе се дополни со два члена од интернационалната уметничка сцена, ќе ја избере и добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ