Исмаил Кадаре добитник на наградата Прозарт

 

Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор, за придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика., се вели во соопштението од фестивалот. Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин (крај на мај) поради пандемијата со Ковид- 19,  на лауреатот му беше врачена наградата во неговиот дом, во Париз. Таа се состои од статуетка и паричен дел. Организаторите најавуваат дека 8. издание на фестивалот ќе се одржи наесен.

Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата. Одборот на наградата го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Сите овие книги се различни во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

„Непомирлив во однос на чесноста на писателскиот, но и интелектуален став со непресушен имагинативен капацитет, Кадаре постојано низ половина век творештво ги изненадува познавачите на литературата со високо литерарна разработка на теми во кои содејствуваат локалното и универзалното.

Со писмено обраќање ,Кадаре изрази благодарност за признанието:

– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно.

– Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак.

Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“ – кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес.

Можам да додадам дека литература на Балканот е глобална литература затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни. За Виа Егнација пишував во романот „Трострелниот мост“, па литературата, како мостот во романот, може да ги артикулира човечките амбиции и човечките слабости преку јазиците и низ времето. Се надевам дека читателите ќе ја искористат можноста да нурнат во литературата во овие непријатни моменти, стои во писмото , со кое Исмаил Кадаре се заблагодарува за наградата, се вели во соопштението од фестивалот, Про -За- Балкан.

 

 

 

 

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ