
Градоначалникот Шилегов : За изборот на директор на МКЦ многу лесно се суди врз база на шпекулации
Многу лесно судиме на незавршена постапка, врз основа на шпекулации. Вака градоначалникот Шилегов го коментираше отвореното писмо до премиерот Заев , потпишано од над 250 уметници, против смената на актуелниот в.д. директор на МКЦ , Русе Арсов, со најавените владините реформи и промената на директори. Шилегов најпрвин не сакаше да го коментира писмото, за кое рече дека не е упатено до него, а кога од наша страна беше потсетен дека не Владата, туку тој решава за идниот директор на МКЦ зашто установата е во надлежност на Град Скопје, градоначалникот одговори дека до него не стигнало отвореното писмо од уметниците и дека на незавршена изборна постапка, прерано и прелесно се суди врз база на шпекулации.
Писма кои не се упатени до мене, не коментирам.Пак велам, до мене се нема никој обратено. Некако чудно, стануваме општество во кое многу рано и лесно се суди. Во услови на незавршени постапки, во услови на некакви шпекулации и гласини, се шират фами кои што можеби на крај ќе се испостават дека се некоректни и неточни. Така што навистина мислам дека барем малку повеќе треба да дадеме шанса на институциите. Ние имаме комисија. Постапката е незавршена. На незавршена постапка, да се претставува готова ситуација, мислам дека многу лесно судиме, вели Шилегов.
Во отвореното писмо до премиерот Заев, потпишаните уметници, меѓу кои се писателката Румена Бужаровска и музичарот и ди-џеј Мирко Попов, посочуваат дека не се работи за негативна кампања против музичарот Бени Шакири, за кој се шпекулира дека ќе го замени Русе Арсов на функцијата директор на МКЦ, туку дека тоа што функционира добро не треба да се руши зашто ќе продолжи водењето лоша културна политика во државата. Уметниците сметаат дека Шакири нема искуство во раководење установа , каква што е МКЦ, каде се негува и афирмира независната сцена, за разлика од Арсов кој произлегува од таму и е отворен за подршка на уметниците. За случајот побаравме став и од Бени Шакири, но тој не сакаше да коментира.
Поради одржувањето на претседателските избори, назначувањето директор на МКЦ се одложи од пролетта наваму. Комисијата при Управниот одбор на МКЦ, од понеделник ќе ги разгледа двете пристигнати апликации на конкурсот и потоа ќе му предложи одлука на градоначалникот, кој во рок од 15 дена треба да реши кој ќе биде нов директор.
Сотир Трајков