
Град Скопје годинава ќе финансира 231 проект од културата
Град Скопје ги објави резултатите од Конкурсот за финансирање на манифестации, проекти и творештво на други корисници и чинители, преку кои се остварува локалниот интерес во културата, за 2019 година. На конкурсот што беше распишан на 15.10.2018 година пристигнале 411 комплетни апликации, велат од Град Скопје. Пристигнатите апликации биле оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје и од културните установи на Градот. Тие, водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, одлучиле Град Скопје да поддржи 231 предлог проект, односно 56% од пристигнатите пријави. Од поддржаните предлог проекти по 46 им припаѓаат на музичката уметност и изведбените уметности, 43 од областа на визуелните уметности и уметност на нови медиуми, 54 проекти од издавачката и од библиотечната дејност, 13 од музејската дејност и промоцијата на културното наследство и 29 проекти за меѓународна соработка. За овој конкурс, градот издвоил 16 милиони денари. Проектите што ќе се реализираат на јазици на заедниците, Град Скопје ги поддржа со 29% од вкупно предвидените буџетски средства. Оваа година, Град Скопје посебен акцент стави на поддршката на младинските и на студентските проекти. Градот Скопје ја продолжува праксата воведена минатата година, за објавување на резултатите од Конкурсот, со цел поголема транспарентност и отчетност, доставувајќи ја во прилог листата на поддржани проекти, велат од таму.
–