Ѓорги Старделов : Горан Стефановски беше феномен со универзално значење

Петминутен аплауз за Горан Стефановски, амблемска фигура на македонската драматика. Вака заврши комеморацијата во Драмски театар, на која дојдоа  колеги, пријатели,  претставници на поширокото семејство, да му изразат почит  на починатиот драмски писател , професор и академик, Горан Стефановски. Тој е една од најзначајните појави во повоената македонска книжевност, писател со поинаков код, чии драми допрва ќе се толкуваат, истакна академик Ѓорги Старделов. Тој за Стефановски зборуваше како за монументална фигура од нашата култура, која откривајќи ја татковината во своето творештвото , го откривала светот и обратно.

  • Станува збор за еден феномен кој нема регионално значење, туку има светско , универзално значење. Затоа е тој најзначајната монументална фигура во нашата култура, рече адак. Ѓорги Старделов-МАНУ.

Стефановски претпочиташе да го користи зборот занает, наместо уметност и сакаше ФДУ да се вика Факултет за драмски занаети , зашто сметаше дека уметноста е вишокот од занаетот, истакна неговиот колега , Русомир Богдановски. Според него, Стефановски се залагал секоја драмската структура да биде цврста како машина.

  • Ова што го воспостави на катедрата за драматургија, е уверување дека деловите на машината што се вика драма, се исто така прецизни како деловите на било која друга машина, истакна Русомир Богдановски- професор на ФДУ.

Горан Стефановски напиша 30-тина драмски текстови. Од нив 11 се поставени во Драмскиот театар, за што сведочи пригодната изложба во фоајето .Тој сакал да им ги чита текстовите на актерите, но како сите писатели и Горан  лошо читал, се пошегува Благоја Чоревски.

  • И после такви подолги читања, јас и Ненад Стојановски рековме дека не сакаме повеќе да доаѓаме да ни чита зашто ќе ни ги расипе улогите. Си заминавме од кај него и отидовме и се напивме, рече Благоја Чоревски- актер во Драмски театар.

Горан Стефановски почина по кратко боледување, на 27 ноември во Кентербери- Англија , на 66 години. Беше кремиран на 5 декември, а по негова желба,  пепелта ќе биде расфрелена во Охридското езеро. Во фаза на подготовка е вториот дел од серијата „ Бушава азбука“, насловен „ Бушав буквар“, што започна да го работи со неговиот долгогодишен пријател и соработник, режисерот Слободан Унковски.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ