Горан Марковиќ: Живееме во неслободен свет, притиснати од мрачна сила
Во Скопје дојдовте после скоро една година од премиерата на претставата „ Говорна маана“, овде во МНТ. Дојдовте за да ја гледате, а како што дознаваме, трае процесот на потпишување договор со МНТ за хонорар за Вас, затоа што Вие сте автор на текстот за претставата „ Говорна маана“. Тоа требаше да го направи претходното раководство на театарот , но еве тоа го прави ова раководство. Каков е вашиот коментар за целата оваа ситуација?
„Прво да кажам дека овдека не се работи за пари. Се работи за тоа дека мене, на три дена пред премиерата, некој ми се јави и ми кажа дека за три дена ќе биде прикажана мојата претстава. Никој порано не ме контактира и не ме праша, дали сакам. И потоа никогаш повторно не бев контактиран, додека не дојде новата управа на театарот и изгледа дека започна тоа да го средува. Така што велам, не се работи за парите, туку за односот кон луѓето.“
Претставата „ Говорна маана“, зборува за злоупотребата на уметниците и на интелектуалците воопшто, од страна на политиката, криминалците, па и тајната полиција. Текстот го пишувавте во 90-тите години на минатиот век , кога во Србија владееше Милошевиќ. Но, тој се доживува како исклучително актуелен денес, секаде каде што има режими, а ги има и во регионот и во светот. Па, што е тоа што ги тера политичарите и полицајците, да се обидуваат постојано да ги стават под свое, уметниците и интелектуалците?
„Таа потреба да се стегнат нештата и да се држат под контрола е многу чудна и многу непријатна за луѓето. Не е само кај нас, овдека на Балканот. Тоа е изгледа така, насекаде. Тие десничарски сили стануваат се посилни и не гушат, едноставно. Ние сме…Уметниците се во принцип лево ориентирани. И претпоставувам, кога е на власт некој што е десничар, тој сака сите луѓе кои размислуваат либерално, кои сакаат социјална еднаквост , кои сакаат правда и слобода, тие им пречат. Први на удар се уметниците.“
Како би го опишале актуелниот политички тренд во регионот и во светот и според Вас, каква треба да биде реакцијата на уметниците? Дали треба да делуваат субверзивно?
„Јас сум многу разочаран во овој миг од средината во која живеам. Пред два дена се одржаа едни нерегуларни, потполно изманипулирани, ужасни избори кои дадоа слика за тоа во каков свет живееме . Ние живееме во неслободен свет, во кој не притиска мрачна сила. Колку што сфатив, јас бев овдека во Скопје пред неколку месеци и сфатив дека состојбата се смени и дека една ултимативна власт е заменета со друга. Ќе видиме каква е, нели? Така што мислам дека задача на секој чесен уметник е да биде навистина, како што рековте, субверзивен. Или на било кој начин да застане во одбрана на човековите слободи. А, ако веќе тоа не го прави и ако ја продаде душата на ѓаволот, за што исто така имаме уметничко дело, наречено „ Фауст“, нека му е Бог на помош. Навистина мислам дека тие луѓе се за жалење.“
Сотир Трајков