ФРАЈРАУМ ( FREIRAUM) – КАКО СЕ ДОЖИВУВА ПОИМОТ СЛОБОДА ВО ГРАДОВИТЕ ВО ЕВРОПА

Во рамките на Меѓурегионалниот европски проект  Freiraum (Простори на слободата) во организација на Гете – институт, проект кој се  одвива од 2017 до почетокот на 2019 година беше реализиран  проектот на т.н тандем меѓу два града Скопје и Копенхаген во чии рамки беа реализирани два филма кои беа прикажани во Музејот на современа уметност во Скопје (о7.12.2018).  Еден од критериумите за формирање на вакви тандеми е да бидат одбрани два града кои се минимум 1000 км оддалечени еден од друг. Станува збор за два кратки авторски филма во продукција на Контрапункт и на Филмскиот фестивал за архитектура од Копенхаген, кои се поединечно реализирани во рамки на проектот „Простори на слободата“ поддржан и инициран од Гете – институт. Краткиот артистичко документарен филм насловен „Номадски идентитети – талкајќи низ слободата во себеси“ , снимен во Копенхаген, во авторство и  продукција на Контрапункт (Владимир Јанковски, Искра Гешоска, Ѓорѓе Јовановиќ и Елена Велјановска)  низ нарациите на петмина протагонисти кои се по потекло од Македонија, а живеат и работат во Копенхаген загатнаа неколку исклучително важни промислувања на слободата, начинот на кој таа се толкува денес, нејзината поврзаност со местото на живеење, кои се нештата (границите)  кои истата таа слобода ја ограничуваат, без оглед дали станува збор за географски граници или граници кои се суптилно поставени од начинот на кој се промислува идентитетот, имајќи го предвид номадското искуството на современиот човек денес.

Вториот авторски филм на овој тандем Скопје – Копенхаген кој беше прикажан истата вечер во рамките на  КРИК Фестивалот за критичка култура е “Скопје – Менување на идеалите, ре-преговарање на просторот” на Филмскиот фестивал за  архитектура од Копенхаген (Josephine Michau, Signe Sophie Boggild). Низ овој филм претставниците на  Данскиот фестивал за архитектура за време на својот престој во Скопје го загатнаа прашањето како можностите за слободен живот во јавниот простор се формираат и менуваат во текот на животот. Филмот претставува критичко преиспитување на проектот „Скопје 2014“, во кој учествуваат архитекти, историчари и теоретичари на уметноста, критичари, уметници, културни работници. Поставувајќи неколку различни перспективи, филмот се обидува проектот „Скопје 2014“ да го разгледа од гледна точка на општествените, политичките и културните случувања во Македонија во последните дваесеттина година. Важен аспект на филмот е поставување на проектот во историскиот контекст на обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година, како и во контекст на прашањето за важноста на јавните простори и концептот „право на град“ поставен од Дејвид Харви. Комбинирајќи личен пристап, неформални разговори, интервјуа со случајни минувачи, филмот се обидува да одговори на комплексното прашање како овој проект ги промени идеалите за обновата на Скопје по земјотресот и внесе драстични и драматични промени во градското ткиво на градот и, воопшто, во претставата каков град е Скопје.

Двата филма на тандемот Скопје Копенхаген во Музејот на современа уметност во Скопје ги проследи и Јоханес Еберт, генерален секретар на Гете – институт во Минхен, Германија  кој во своето воведно предавање проследено со дискусија со Сигне Софи Богилд не го криеше своето задоволство од резултатите на овој проект кој имаше за цел да истражи како се доживува поимот слобода во градовите во Европа. Кои прашања произлегуваат кога граѓаните, научниците и културните работници локално размислуваат за поимот „слобода“?

Во рамките на проектот проект  Freiraum  во Карлајл  беше претставена и соработката на тандемот помеѓу два града Карлајл ( Велика Британија) и Солун (Грција) кој имаше за цел низ културата, уметноста и активностите на граѓанскиот сектор да разоткрие свои промислувања на аспектите на идентитетот и изолацијата во Европа денес. Ваквите теми се исклучително важни во време во кое сведочиме на скепса во однос на ЕУ, имајќи го предвид примерот со референдумот за Брегзит, но и прашања врзани за егзилот, бегалците, маргинализираните групи. Самата географска местоположба на Карлајл, град опкружен со планинини во близина на границата со Шкотска неминовно го загатнува прашањето за социјалната и физичката изолација, невработеноста на младите и можните ефекти од Брегзит. Бројните изложби, поетски читања и музички перформанси како во основните и средните училишта, така и на универзитетот во Карлајл, меѓукултурниот дијалог на различни генерации дадоа свое видување на прашањата: што е изолација и како истата да се надмине, што е слободата, како се толкува европскиот идентитет и што значи да се биде европски граѓанин денес.

„Голем број луѓе кои ги познавам  се припадници на малцинства или пак мигранти  и живеат во големото семејство на Европската Унија, велат дека од нивното досегашно искуство никогаш  не се почувствувале дека се изолирани. Но факт е дека ваквите одлуки како Брегзит неминовно ќе ги соочат со чувството на изолација. Велика Британија е Голема бидејќи во себе ги обединува луѓето со различна боја на кожа, различни етникуми, различни национални идентитети и живи култури и во тоа е нејзината убавина, на која не треба се заборави“, истакна Афтаб Кан, менаџер за развој.

Имајќи предвид дека популистичките и националистичките  партии добиваат поддршка во многу земји, скептицизмот кон ЕУ не е ограничен само на Велика Британија, забележуваат од AWAS Cumbria.  Европа се соочува со предизвици на многу нивоа и е во потрага по решенија. Еден придонес во новата ориентација е проектот FREIRAUM, инициран од Гете-институт кој се фокусира на концептот на слободата, кој од просветителството е од витално значење за европската културна историја и европското чувство за идентитет.

Дијалогот меѓу вмрежените градови и формирање тандеми  во овој случај  AWAZ Cumbria community  од Карлајл и  Art BOX од Солун го опфаќа и прашањето на тимот од Солун за моќта на новите медиуми како своевидно „царство на слобода“ и нивната исклучително важна улога во промислувањето на европскиот идентитет, социо-културниот идентитет како простор  на слободата.

Настанот насловен Speakeasy Afternoon низ три секции, во кои беа опфатени кратки филмови, поезија, проза, музика и вклучување во живо со уметничките перформанси на уметниците од ArtBOX во Солун низ еден мошне интересен и неконвенционален дигитален дијалог ги загатнаа темите за тоа како различни луѓе различно ја толкуваат изолацијата, уметничките перформанси на бројните учесници во Карлајл и Солун низ креативната разноликост понудија надминување на чувството на изолираност на индивидуален и колективен план, што се подразбира под поимот слобода денес,  перцепцијата за европскиот идентитет и начинот на кој луѓето го промислуваат граѓанинот на Европа денес.

Во рамките на својот прекуграничен, европски Фрајраум-проект (Freiraum) Гете-институт по случаен избор одреди 19 тандеми кои формираат тим за да развијат нови идеи на темата „слобода“.

Со проектот Freiraum ( Простори на слободата), Гете-институт сака свесно да им пристапи на нови целни групи: на често маргинализираните млади луѓе со миграциско потекло и на оние, кои критички или скептично гледаат на денешна Европа, но сепак се доволно отворени за разговор. Освен тоа, треба да се мотивираат и луѓето што немаат предрасуди за Европа, но ја земаат здраво за готово, да го подигнат својот глас, сметаат организаторите на проектот насловен  „Freiraum“.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ