ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ДОБИТНИК НА МЕЃУНАРОДНАТА НАГРАДА НА ИМАГО

Во Белград, во присуство на светски познати имиња од филмската сцена, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ свечено му беше врачена наградата за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност. Станува збор  не само за исклучително влијателна награда, туку и значајно признание  во светот на филмската уметност, истакна директорката на фестивалот „Браќа Манаки“  Евгенија Теодосиевска.

„Оваа награда е уште едно големо меѓународно признание за пионерската активност на Јанаки и Милтон Манаки, потврда на напорите за оние кои што го покренале овој фестивал пред 40-ина години, една дружина на храбри млади, а можеби и повозрасни во тоа време филмски уметници, автори и вљубеници во филмската уметност, луѓе со визија. Но оваа награда е доказ дека основоположниците и оние кои го следеле патот, вградувајќи ја современата форма на презентација на филмската уметност  не изгубиле време залудно. Нивните ангажмани ги согледуваме во сите наши фестивалски изданија и го продолжуваме нивниот сон сонувајќи го и нашиот во исто време, истакна Теодосиевска.

„Наградата на ИМАГО не само што ја доделуваат како најпрофесионални и најкомпетентни за своите колеги, знаејќи ја специфичноста и тежината  на уметноста на кинематограферите и до толку повоќе секој од нив како лауреат ја има тежината добивајќи своевиден Оскар“, додаде уметничкиот директор Благоја Куновски.

Меѓународната асоцијација на кинематографери ИМАГО, чија цел е промовирање на кинематографијата на меѓународно ниво, вклучува 53 друштва и има 4.300 члена на професионални сниматели од целиот свет.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ