Фестивал за литература за деца и илустрации

Музејот на современа уметност викендов беше преполн со деца кои низ лавиринтите на книгите и илустрациите за деца ја откриваа нивната моќ заборавајќи на брзото и хаотично секојдневие. Литературата за деца е пред нови предизвици да привлече што повеќе читатели, во време во кое сите се во потрага по инстант решенија.

Мислам дека повторно е таа комбинација од некоја интересна приказна ликови со кои детето ќе се идентификува. Не мора секогаш да бидат совршени, иако тоа често го гледаме во литературата: некое дете е пример кое секогаш прави како што треба, но со такви примери децата секогаш не може да се идентификуваат. Секогаш треба да има и некоја слабост  кај детето, мислам дека тоа и повеќе ќе ги привлече можеби децата, вели писателката и преведувач Калина Малеска.

Литературата за деца е таа која треба уште во најрана возраст да разбуди емпатија кај детето за Другиот, низ мноштвото ситуации и инвентивните илустрации да го подготви за светот во кој ќе зачекори и дилемите со кои ќе се соочи како возрасен. И токму првата средба со книгата или првата љубов кон пишаниот збор започнува со илустрацијата на нејзината содржина.

Сметам дека сеуште во Македонија ова е еден од малите проблеми, на кој треба се работи. Секоја илустрација треба да го следи текот на текстот.   Илустрациите мора однапред да се дефинирани за која возраст станува збор . Дали се од три години, од 3 до 6 години итн, вели Софија Семенпеева од Литера.

Во оној миг кога почнав да читам приказни на моите деца сфатив колку е важно визуелно да ги привлече тоа што го читам, вели ликониот уметник Ване Костуранов.

Она што ми дава дополнително стимул и мотивација и смисла на тоа што го правам се баш тие пораки во инбокс од луѓе кои не ги знам кои кажуваат како реагираат нивните деца и како на некои од нив тоа им го променило животот. Е сега да не звучи тоа претерано, но така е, смета Костуранов.

Во рамките на Фестивалот за литература и илустрации за деца низ мноштвото книги, трибини и ретроспектива на  македонската илустрација до 1990 и изложбата на илустрации на актуелни домашни и странски уметници, возрасните се потсетија на сето она на кое помалку заборавиле, најмладите пак ги направија првите чекори во осознавањето на моќта на пишаниот збор и сликата која го илустрира.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ