ДПМ ГИ ВРАЧИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈУСПЕШНИ КНИЖЕВНИ ДЕЛА ЗА 2018

Во рамките на одбележувањето на јубилејот 72 години од  основањето на најстарата писателска асоцијација кај нас Друштвото на писателите на Македонија ги додели наградите за најдобри книжевни остварувања во текот на изминататата 2018 година.  Годинашни добитници на наградите кои ги носат имињата на македонските книжевни класици во различни жанровски домени се: романот „Маџун“  од Влада Урошевиќ  ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело, Виолета Танчева – Златева ја доби наградата „Ацо Шопов  за поетската книга „Патот“, Лидија Капушевска –  Дракулевска е добитничка на наградата „Димитар Митрев“ за критичко –есеистичката книга „Мозаик“ од гласови“, добитник на наградата „Ванчо Николески“  е  Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ и Рифат Емин, кој ја добива наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик.

Во своето обраќање претседателката на ДПМ Соња Стојменска- Елзесер укажа на некои аспекти на дејствувањето на најстарата писателска асоцијација кај нас:

„Следејќи ја пораката на Блаже Конески од неговиот текст прочитан на основачкото собрание на денешен ден во далечната 1947 година тој вели: Сметам за потребно да ја истакнам важната улога што треба да ја одигра во организационен поглед нашето Друштво на писатели на Македонија. Тоа е друштво што треба да работи во прв ред, уште посилно да ги поврзува за себе младите луѓе што работат кај нас во литературното поле, да се труди за нивното сестрано издигање, општо да го управи со правилен пулс литературниот живот во Македонија“.

„ Многу ми е драго што ова се случува во домот на македонските писатели во едно култно место во културната топографија на Скопје. Новите времиња носат нови искушенија, колку литературата и уметноста, се поттурнати на заден план, колку во денешните услови улогата на писателот, да е минимализирана и омаловажена во јавноста останува неоспорна вистина дека ова Друштво и е неопходно на македонската култура и дека овој дом не е место само на сентиментални спомени , туку едно живо средиште кое зрачело и кое зрачи и денес со духовна енергија“ истакна академик Влада Урошевиќ во своето обраќање на врачувањето на наградите на Друштвото на писатели на Македонија.

На годинашниот конкурс за наградите пристгнале 60-ина книги објавени во текот на изминатата 2018 година, а за петте годишни награди одлучуваа пет три члени жири комисии. Книги кои не само што претставуваат солиден квантум во текот на една година, туку и спектар од различни стилски варијации и книжевни поетики и вредности, додава Стојменска- Елзесер.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ