
ДЛУМ со Годишната програма добил сретства што не може да ги искористи
Резултатите во Годишната програма за култура се смешни и во нив има многу недоследности, велат од Друштвото на ликовни уметници. Според новиот претседател, ДЛУМ кој годинава полни 73 години од формирањето, од Министерството за култура добил 7 бода, за разлика од новоформираните здруженија кои добиле 10, 9 или 8 бодови. Фидановски се пожали дека решението со резултатите од првично објавената Програма за визуелни уметности, го добиле еден ден пред излегувањето на ревидираната Програма, но во дописот наместо првичните, биле резултатите од веќе извршената ревизија. Претседателот нема како да ги оправда доделените 210 илјади денари за 6 изложби на ДЛУМ годинава, зашто како што вели, немa пари за изложби, туку за каталози.
Добивме 210 илјади денари, од кои што јас искрено само 44 илјади денари ќе можам да оправдам пред Министерството. За останатите не знам како тоа да го направам. Од причина што во решението што го добивме од Министерството, ми фали ставка со која што би можел 166 илјади денари да ги оправдам, вели претседателот на ДЛУМ Филип Фидановски.
За проблемот, од Министерството за култура, побаравме , но не добивме одговор. Од ДЛУМ се пожалија и зашто во Годишната програма за култура не и вклучена победничката на „ Зимскиот салон“, Шкипе Мехмети, која за награда од Министерството за култура треба да престојува во атељето во Париз. Од Министерството кусо одговараат дека Мехмети сепак ќе оди во Париз. И покрај недостатокот на сретства за реализација на својата програма, ДЛУМ в среда во МКЦ, ќе ја отвори изложбата „ Современа скулптура“, финансирана од чланарината на членството, а на 22 април ќе биде отворена изложбата „ Поместени граници“.
Сотир Трајков