
Депонија од технички отпад во Министерството за култура
Депонија од технички отпад во Министерството за култура. Делови од стари столови, бироа, компјутери и кутии, фрлени на дното од страничните скали, веднаш под кабинетот на новиот министер Хисни Исмаили, се гледаат на оваа фотографија, што се шири на Фејсбук. Дека отпадот се зголемува, а не се чисти, докажува и оваа фотографија , која на Фејсбук беше лиферувана на крајот на април. Негрижата за работниот простор во државна институција, културните работници и уметници ја оценуваат како срамна и како „ култура полна ѓубре… и во буквална смисла“.
Иако побаравме, од Министерството за култура не добивме дозвола да влеземе внатре и да го снимиме натрупаниот отпад. Но, добивме одговор дека се работи за движни ствари кои поради дотрајаност , повеќе не се во употреба и за кои пописот е веќе завршен. Од Министерството за култура, исто така велат дека сега трае постапка за донесување одлука и за изготвување листа со поединечни вредности, односно амортизација, за секоја од движните ствари.
По завршување на постапката, ќе се пристапи кон објавување тендер за избор на правно лице кое врши дејности или поседува дозвола за собирање или транспорт на отпад, по што ќе се пристапи кон негова дислокација , дополнуваат од ресорот Култура.
Како што дознава Телма, по ширењето на фотографијата на ФБ, по втор пат за нешто повеќе од 2 месеци, Министерството за култура го посетиле Комунални инспектори од Град Скопје, за што добивме потврда и од Градот. Од таму велат дека инспекторите изготвиле решение за чистење на посочената локација од страна на Министерството за култура. А, доколку Министерството не постапи по однос на решението во рок од 7 дена, ќе следува соодветна казна.
Сотир Трајков