Денови на македонските музеи во Крива Паланка

Во петок и сабота, во Крива Паланка ќе се одржи манифестацијата „ Денови на македонските музеи “. Манифестацијата, е дел од проектот „ Денови на македонските музеи“, кој Градскиот музеј од Крива Паланка го спроведува со финансиска поддршка на Министерството за Економија и општина Крива Паланка, велат од музејот.

Општата цел на проектот е подобрување на состојбата и статусот на локалните музеи во земјава и  нивна видливост (присутност) во јавниот простор. Проектот предвидува повеќе активности кои треба да водат кон остварување на општата цел, за подобрување на присутноста на локалните музеи во јавниот простор и местата на одлучување (преку организација на туристичка манифестација и пропаганден материјал), како и зацврстување на нивниот статус во општеството. Целната група кон која се однесува проектот се 8 локални музеи во државата: ЈУ Музеј на град Скопје, ЛУ Народен Музеј- Велес, ОУ Музеј на град Кратово, ОУ Народен Музеј- Св. Николе, ЛУ Музеј на град Неготино, ОУ Музеј и Галерија- Кавадарци, ЛУ Археолошки и историски Музеј- Виница и ЛУ Градски Музеј- Крива Паланка и вработените во нив.

Проектот предвидува неколку главни активности кои треба да придонесат кон реализација на општата цел: Организација и спроведување на туристичка манифестација, „ Денови на македонските музеи “, со учество на сите локални музеи и подобрување на присутноста на локалните музеи во јавниот простор и местата на одлучување, преку реализација на неколку подактивности: Организација на форум за формирање на Мрежа на локални музеи, брендирање на мрежата, изработка на веб страна и ФБ фан страна за промоција на мрежата и изработка на промотивен материјал за неа, велат од Градскиот музеј во Крива Паланка. Активностите околу организацијата на манифестацијата ќе се оддржат во Крива Паланка. На нив, на првиот ден е предвиден работен дел, на којшто ќе бидат презентирани состојбите со локалните музеи, ќе бидат претставени практики од соседните земји и ќе биде организиран форум за формирање Мрежа на локални музеи. А на вториот ден, на платото пред Градскиот музеј, ќе биде организиран мини-саем на музеите, на кој ќе бидат презентирани (на мали штандови), промотивни материјали, сувенири, продукти и сл. од локалните музеи, како и од градовите од кои доаѓаат, стои во соопштението од музејот во Крива Паланка.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ