Даница Павловска: „Скопје 2014“ да се валоризира, а на ГТЦ да му се врати одземениот статус

Потребна е валоризација и реархитектура на проектот „ Скопје 2014“, со цел затапување на острицата на кичот и на несоодветните интервенции, смета архитект-планер во пензија, Даница Павловска-Циги. Таа деновиве ја понесе наградата 13 Ноември, со која , како што вели, и е укажана чест и е препознаена професионалната посветеност во сферата на зачувувањето на автентичноста на градот Скопје. А, за „ Ск 2014“ , Павловска очекува и помош од странство.

Она што за мене е многу поважно , тоа е процесот на валоризација. Затоа што ние треба да направиме реархитектура. Ние може нешто да срушиме, ние може во нешто да се однесуваме како деструктивци затоа што тоа го заслужува. Но, претходно треба да го процениме. Ако таквото нешто добие резултат, резултанта дека треба да се сруши, ќе се сруши. Ако не, ќе се интервенира на него. Но, генералната порака до оние што одлучуваат е дека, за волку тежок проблем ние треба да побараме на интернационално ниво, помош од архитектите, вели Павловска – Циги.

Павловска работеше во Урбанизам на Град Скопје, во некогашното Министерство за урбанизам, а се пензионира во секторот за планирање при Министерството за животна средина и просторно планирање. Беше претседател на ААМ, a се вклучи и во спасувањето на ГТЦ од наметнатата барокизација на претходната власт . Сега вели, дека на проектот на нејзиниот професор Живко Поповски треба да му се врати одземениот статус на културно наследство и да се реконструира, со зачувување на автентичноста.

Треба да се менаџира со него многу покреативно, правно – да се репрогласи за културно наследство затоа што тој и беше заштитен. И она што е последно, дека е тој во една критична состојба. И одлучувајќи се за сочувување на неговата автентичност, пласиран е проект за озеленување на неговата петта фасада, на последното ниво, што може да биде добар потег , што всушност некаде, во своите размислувања го имаше и авторот, наведено, додава Павловска – Циги.

Формирање нова платформа „ Го сакам Скопје“, по примерот на „ Го сакам ГТЦ“, побара Павловска во говорот по повод наградата „ 13 Ноември“.  Целта е , како што рече, вклучивање на сите чинители од општеството во решавањето на проблемите во јавниот простор на Скопје и неговата околина.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ