Бернајс Пропаганда бараат увид во апликацијата од Македонската филхармонија

Револтирани зашто без нивно знаеење, Македонската филхармонија аплицирала и добила на конкурсот на Министерството за култура, без да потпише преддоговор со нив, членовите на групата Бернајс Пропаганда денеска  во ресорното министерство побараа увид во , како што велат , некомплетната апликација. Од Министерството велат дека грешката е во поранешната директорка на Филхармонијата која поднела некомплетна апликација и дека комисијата која одлучувала за овие апликации , не можела да знае дека преддоговор не е склучен.

Вака  членовите на групата „Бернајс Пропаганда“ , денеска низ ходниците на Министерството за култура, гласно бараа да ја добијат апликацијата од Македонската филхармонија. Таа помина на конкурсот и влезе во Годишната програма со одобрени 276 000 денари за заеднички концерт, без Бернајс Пропаганда да потпишат преддоговор со Филхармонијата.

„Ние не бевме дел од апликацијата и немаме потпишано никаков преддоговор , а камо ли договор. Поради сето ова имаме право да ги погледнеме сите официјални документи , поврзани со името на нашата група и на нас членовите“, кажа Васко Атанасоски- основач и гитарист на Бернајс Пропаганда

„Го правиме тоа што е света должност на секој достоинствен уметник . Укажуваме на неправда во секоја пора од општеството“, кажа Кристина Горовска – вокал на Бернајс Пропаганда

Групата дозна дека е влезена во Годишната програма откако беа објавени резултатите. Велат дека тоа ги вознемирило на сред снимање нов албум зашто иако имале средба со поранешната директорка на Филхармонијата, Маја Чаначевиќ, ништо конкретно не било договорено за одржување заеднички концерт, годинава.

Пред два дена се сретнале и со актуелниот в.д. директор Илиески, но тој ги препратил за одговори до Министерството за култура. Од овој ресор велат дека грешката е до поранешната директорка на Филхармонијата. Ја покажаа апликацијата доставена на конкурсот од Маја Чаначевиќ и потенцираа дека комисијата направила превид, сметајќи дека апликациите и на претходниот и на актуелниот в.д. директор  на Филхармонијата , стигнале легитимно на конкурсот.

„Комисијата не можела да претпостави дека таков преддоговор не е склучен. Водејќи се од критериумите за квалитет, го одобрила и предложениот настап на Филхармонијата со Бернајс Пропаганда“, кажа Петрит Сарачини- Министерство за култура

Во Годишната програма за култура, одобрена е и книга на авторката Тина Иванова, посветена на „Бернајс Пропаганда“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ