Асоцијацијата на архитекти бара нов конкурс за зелен кров на ГТЦ

Асоцијацијата на архитекти бара од Град Скопје нов конкурс за проектот за поставување зелен кров на ГТЦ. Во дописот што го испратија, од Асоцијацијата велат дека ја прифатиле поканата од Град Скопје, но не за поправка на проектот, како што најави градоначалникот Шилегов пред два дена, туку предлагаат отворање нов конкурс , во чија подготовка ќе се вклучи Асоцијацијата на архитекти.

  • Сметаме дека е крајно неодговорно да се прават интервенции на ГТЦ, а и на било кој друг објект, со дониран проект кој во голема мерка за нас е нерзбирлив, и во никаква релација со постојната обликовна структура на објектот. Како струкова организација во никој случај не можеме да дадеме идеи за преправка на истиот бидејќи на крајот на се, проектот има автор. Авторството меѓу другото подразбира и голема одговорност. Мешањето во нечие авторство се коси со основните начела на Асоцијацијата на архитекти и на Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, за третман на архитектите како автори на едно дело. Но, бидејќи сме свесни за проблемот со прокиснувањето на кровот кој го има ГТЦ и уште повеќе сме свесни дека планираната интервенција ќе претставува само уште една во низата лоши интервенции кои се направени врз ГТЦ, можеме да одговориме на вашето барање со земање учество во подготовка и организирање на конкурс за избор на најдобро решение, кое ќе биде во рамки на буџетот од веќе завршениот тендер, и со почитување на дел од материјалите кои се дел од тендерот. Асоцијацијата на архитекти на Македонија стои на располагање да учествува во припремата на проектната програма и организацијата на конкурсот, се вели во дописот од АА.

Презентацијата на проектот за зелен кров на ГТЦ, кој Град Скопје го подготви во партнерство со UNDP и за кој Градот планира да потроши 550 илјади евра, ги крена на нозе архитектите. Претседателот на АА, Мартин Пановски за Телма изјави дека проектот за зелен кров, не го следи афтентичниот проект на архитектот Живко Поповски, дека е старомоден и неинвентивен. А, од „ Прва Архи бригада“, за содржините на проектот рекоа дека им е доста од профитерство. Градоначалникот Шилегов во понеделникот изјави дека по минатонеделните реакции на архитектите, во консултација со нив, не биле утврдени пропусти во проектот , кои се однесуваат на статиката, изолацијата, зеленилото и дека со него не е нарушена функционалноста на ГТЦ. Но, почитувајќи ја вољата на архитектите, ќе има корекции на проектот со вклучување претставници од Асоцијацијата на архитекти и од Архитектонскиот факултет при УКИМ, потенцира градоначалникот. Проектот за зелен кров, по нарачка на ГТЦ, како донација го изработи Агенцијата за недвижности „ Дом- Дизајн“. А,тендерот за проектот го спроведе UNDP. Од таму за Телма рекоа дека целта на проектот за зелен кров на ГТЦ, е да се намали температурата на воздухот, која според мерењата, на кровот на Трговскиот центар е 10 степени Целзиусови повисока, отколку на плоштадот. Од UNDP потврдија дека сеуште немаат потпишано договор со изведувач.  ГТЦ, а и останатите објекти кои имаат големо значење за архитектурата на Македонија, мора да бидат третирани како целина и нивната реконструкција(ревитализација), да биде предмет на јавен конкурс, стои во дописот од Асоцијацијата на архитекти.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ