Арда Мустафаоглу: Не можам да живеам без класична музика

Има 16 години, а неговата ѕвездена кариера веќе е на повидок. За Арда Мустафаоглу, ученик на трета година во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, 2018 беше исклучително плодна година. Настапи во Србија, Италија, Германија, Турција и Грција, одржа концерти во Македонија и освои повеќе награди. Меѓу нив се двете за освоени први места на натпреварот на Баварскиот конзерваториум и на интернет натпреварот во Атина, по што музицираше во престижната сала Мегарон. А, дома го дочека и наградата „ 13 Ноември“.

2018 година за мене е најдобрата година до сега. Со највеќе настапи и би сакал 2019 да биде уште подобра од 2018, со уште повеќе настапи, со нови доживувања и со повеќе музика, вели младиот пијанист.

Арда Мустафаоглу потекнува од семејство, посветено на класичната музика. Неговата мајка Самира му предава пијано, за што Арда вели дека односот е различен, дома и на училиште. Тој прави разлика меѓу редовното музичко образование и усовршувањето на мастер класите со педагози од светот, за кои вели дека имаат сопствен стил на изведба на пијано. За него животот без музика е незамислив.

Имав голем контакт со клавирот уште од најрани години. Затоа свирам од 4 годишна возраст, се разбира. Се трудев да свирам на клавир уште како мал. Можам да кажам дека секојдневно сум опкружен со класичната музика и со музиката, воопшто. Така што животот не би можел да го замислам без класична музика, вели Арда.

Подготвувајќи се за секој настап, во сала, Арда се обидува да го почувствува инструментот и акустиката, а да направи спој на техничкото совршенство што го нуди композицијата со неговиот авторскиот печат.

На пробите, најчесто во салите во кои што настапувам, се обидувам само да го почуствувам допирот на клавирот и акустиката во салата, а на самите настапи, се обидувам да правам комбинација помеѓу тие две. Со тоа што да бидам технички подготвен и да можам да ја уловам самата слика на композиторот, кој го пишувал самото дело, вели Арда.

2019 година Арда Мустафаоглу ќе ја започне со рецитали во Франција и Германија. Себе си посакува квалитетни настапи, а на гледачите на Телма, многу среќа и љубов, во Новата година.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ