Ана Брнс освои „ Man Booker „ за романот „ Млекарот“

Писателката од Северна Ирска, Ана Брнс е годинашна добитничка на престижната награда „Man booker“, за нејзиниот роман „Млекарот“. Романот „Млекарот“,  раскажува за неименувана девојка што живеелa во 70-тите години на 20 век, во Северна Ирска и е принудена да биде во врска со еден мистериозен постар маж, кој е во брак и е поврзан со паравоена група.

Жири комисијата го цитираше користењето на мрачниот хумор од страна на Брнс, во истражувањето на мачните теми, како што се опасностите од племенството, тероризмот спонзориран од државата, социјалната поделба и начините на кои сексуалното и политичкото угнетување често се преклопуваат, забележа „Њујорк тајмс“.

– Никој од нас досега не прочитал вакво нешто – изјави Кваме Ентони Апија, претседател на овогодишното жири, додавајќи дека „Млекарот“ е приказна за бруталноста, сексуалното оптоварување и отпорот со мрачен хумор.

„Букеровата“, е книжевна награда што секоја година се доделува на најдобриот роман на англиски јазик во авторство на државјанин на Комонвелтот, Ирска или Зимбабве. Но, започнувајќи од 2014 година, наградата може да оди и во било која друга земја во светот, доколку делото е напишано на англиски и објавено во Британија. Наградата на добитникот му гарантира меѓународен углед и успех во кариерата, па затоа таа има големо значење во книгоиздаваштвото.

Ана Брнс има 56 години. Родена во Белфаст. Во Лондон се преселила во 1987 година, а од 2014 година живее во Источен Сасекс. Во својата кариера, таа има напишано три романи. Нејзиниот првенец се вика „Без коски“, а вториот роман е насловен „Мали конструкции“.

– Она за што пишувам е апсолутно и суштински за тоа како се користи моќта, и во лична и во општествена смисла, вели Брнс за своето творештво.

Таа е прв автор од Северна Ирска кој освоил „ Man Booker “.

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ