Албумот на Роџевски „ Зајакот и паднатиот јавор“ меѓу најдобрите во 2018

Најпознатиот и највлијателниот џез-магазин „Даунбит”, во јануарскиот број, го вброи актуелниот албум на Крсте Роџевски, “ Зајакот и паднатиот јавор”, во листата на најдобри албумски остварувања во 2018 година. На листата се и последните албумски објави на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано и Дејв Даглас, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон, Ник Барч Ронин, Метју Шип и други великани на џез музиката денес. Ова е несомнено едно од најголемите признанија што некој македонски музичар го има било кога добиено од реномираната светска музичка критика.

Третиот студиски проект на Роџевски доживеа блескави критики и рецензии и во другите влијателни музички списанија, магазини и вебзини како: „Вајр“ (WIRE), „Стереогам“ (Stereogum), „Ол абаут џез“ (All About Jazz), „Џез корнер“ (Jazz Corner), „Џез викли“ (Jazz Weekly), „Авант мјузик њуз“ (Avant Music News), „Бродвеј ворлд“ (Broadway World) и др.

“Зајакот и паднатиот јавор” е, всушност, третиот дел од трилогијата „Апоптоза“ на Роџевски, по првенецот “Батаниа” и неговиот наследник “Горчливи бадеми”. Албумот, како и претходните два, го издаде ‘Much Prefer Records’, го продуцираа Тома Фуџивара и Крсте Роџевски, а го миксаше легендата Бил Ласвел. Импресивната екипа музичари на оваа плоча, предводена од Роџевски, ги вбројува Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).

По њујоршката промоција, “ Зајакот и паднаиот јавор”, ќе биде промовиран и во Скопје, во среда, 19. декември, во кафе „Винил“, со почеток во 21 часот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ