
Одржан пијанистички концерт во Кисела Вода за опуштање на граѓаните од притисокот со ширењето на корона вирусот
Паркот „ Шопен“ во Кисела Вода, во кој и клупите се направени како клавијатури, беше подиум каде на пладне настапија повеќе помлади, но веќе докажани репродуктивни уметници- пијанисти. Според Дуња Иванова, која изведе дела од Јан Тирсен и Лудовико Инауди, современи класични композитори, претставниците на минимализмот и пост минимализмот, концертите на отворено се одлична иницијатива, за сограѓаните , макар за миг да заборават на секојдневието, обременото од ширењето на корона вирусот.
- Сметам дека ова е една позитивна иницијатива, ако ништо друго, да го оттгне вниманието од целиот набој кој сите не обзема, во последно време. Сметам дека ова е шанса и за уметниците кои во моментов немаат никакви приходи , ете колку- толку да им се помогне и од друга страна, да се исполни медиумскиот простор со убава уметност- Дуња Иванова-пијанистка.
Според пијанистката Емилија Попивода, која изведе преработки на повеќе македонски народни песни, од композиторот Димитрије Бужаровски, во време кога културата е избришана од јавниот простор, овој вид настапи, кои Град Скопје ги организира и пренесува преку нивната Фб страница и Ју Тјуб канал, се можност да се претстави работата на уметниците.
- Навистина е непредвидливо што ќе се случува понатаму. И во ова време, ова е вистинско решение , значи виртуелни концерти во живо, на уметниците- Емилија Потевска Попивода-пијанистка.
Адра Мустафаоглу, кој изведе дела од Сати, Шопен, Прокофјев, Фазил и Сај, не ги криеше емоциите дека едвај чека да помине овој бран од пандемијата, за да ги посети најблиските.
- Навистина се надевам дека ова ќе заврши што побргу, да можеме сите да се вратиме со огромна љубов да се видиме со сите најблиски- Арда Мустафаоглу-пијанист.
Иако на растојание од изведувачите, не изостана интересот од соседните згради, од љубителите на класичната музика. Во рамките на настапите од програмата „ Култура во време на Корона“, до вечерните часови во Кисела Вода и Аеродром, настапи имаат и групите „Силви Бенд, „ Плутос Даутс“ и „ Саут Парк“. Сите изведувачи од Град Скопје се финансирани со 14500 денари.
Сотир Трајков