
Ријека и Голвеј –европски престолнини на културата во 2020 година
Европската комисија одреди: Хрватскиот град Ријека и ирскиот, Голвеј, се престолнини на европската култура во 2020. Програмите во двата града започнуваат за помалку од еден месец, а миграциите се една од темите кои уметниците ќе ги обработуваат во проектите на двете културни престолнини.
Ријека-град кој важи за најголемо хрватско пристаниште и уникатна музичка средина, ја понесува титулата престолнина на европската култура, годинава кога и Хрватска претседава со Европската унија. Програмата започнува на 1 февруари, под мотото „ Пристаниште на различности“. Низ трите главни теми, вода, работа и миграции, преку кои се поврзуваат идентитетот на Ријека и на современа Европа,уметничките проекти ќе отворат повеќе општествени и прашања од културата. Бројот на настани е планиран за над 600, а ќе траат до крајот на годината. Во нивната подготовка се вклучени повеќе од 250 партнерски организации, уметници од 40-тина држави од Европа и светот и целата локална заедница.
А, Голвеј е пристанишен град на западниот брег на Ирска, каде реката Кориб се среќава со Атланскиот океан. Неговата програма, како европски град на културата во 2020 година, започнува на 1 февруари, а ќе трае до крајот на јануари 2021, не само во градот, туку и во околните села и на островите. Мотото на програмата, која е поврзана со огнените сезони на келтскиот календар, е „ Нека влезе магијата“, а темите се насочени кон јазикот, пејсажот и миграциите. Според Хелен Мериџ, креативен директор на „Голвеј 2020“, ако размислувате да дојдете во Ирска и го посетите годинава Голвеј, ќе видите уметност, култура, храна, нешта што можете да ги направите , од кои ќе станете дел и засекогаш ќе ги паметите. Се очекуваат 10 илјади гости од светот да ги посетат планираните над 1900 настани, во кои се вклучени 30 партнерски организации.
Атина беше прва европска престолнина на културата во 1985 година, по одлуката на грчката министерка,Меркури и нејзиниот француски колега, Ланг, за воведување на оваа титула, со цел, приближување на европските народи меѓу себе, преку истакнување на богатството и разновидноста на културите и подигање на свеста за нивната заедничка историја и вредности.
Според гласањето на Советот на ЕУ, идната година, Нови Сад е еден од трите европските градови на културата. А, кај нас се подготвува пријавна книга за кандидатурата на Скопје, европски град на културата, за 2028.
Сотир Трајков