
Синдикатот за култура штрајкува поради непотпишаниот Колективен договор, Владата им го нуди од јули 2020
Утрово, установите од културата во Скопје и во внатрешноста на државата , осамнаа со предупредувачки натпис – штрајк! Причина е незадоволството на членството на Синдикатот за култура , од непотпишувањето на новиот Колективен договор, на кој чекаат 15 години, а од кој очекуваат уредување на платите и на статусот.
Откажани претстави, изложби, кино проекции, концерти, проби во театар, а ни музеите, ниту пак библиотеките ги примаа граѓаните. Членството на СКРМ, со кое се солидаризираа и од СОНК, денеска беше на работните места, но не ги извршуваше задачите поради пробиените рокови од Министерството за култура, за потпишување на новиот Колективен договор.
Кога требаше на седница на влада, да помине информацијата за Колективниот договор. И веќе 3 седници на влада, ние чекавме и чекавме, но не се случи тоа. Нас ни е многу жал што мораме на овој начин да го покажеме нашиот револт, преку штрајк,
изјави Соња Стрезоска-Велјановска од СКРМ-НУБ „Свети Климент Охридски.
Со потпишувањето на новиот Колективен договор, вработените во културните установи, очекуваат ставање крај на хаосот со недефинираните работни места.
Пластично објаснето, еден техничар –тон мајстор или осветлител ги нема истите права , можности и плата во две различни институции во државата. Исто е и во другите позиции во културата. Тој хаос мора да се среди,
вели Филип Николовски- СКРМ- МКЦ .
Утрово, премиерот Заев рече дека се подготвени да им излезат во пресрет на вработените во културата и апелираше, секоја од засегнатите страни во потпишувањето на Колективниот договор, да ја заврши започнатата работа. А, претседателката на СКРМ беше повикана во Министерството за култура, каде, како што рече, добиле понуда за нов Колективен договор, кој ќе стапи на сила од јули , идната година. СКРМ и СОНК до крајот на неделата ќе излезат со став за најновата понуда од Министерството.
Сотир Трајков