Со поголема културна до поголема економска соработка

Со поголема културна соработка , ќе можеме да се надеваме  и на поголема економска соработка, рече премиерот Заев, обраќајќи се пред присутните на  четвртиот Форум на министри за култура на Процесот „ 17 + 1“, во кој се вклучени земји од Централна и Источна Европа и НР Кина .

  • Големо е задоволството да се присуствува денеска на овој значаен настан, со кој отвораме ново поглавје во меѓународната културна соработка . Оваа иницијатива претставува извонредна можност за сите нас, без оглед на нашата големина и ресурси , да се вклучиме и сите заедно да придонесеме за унапредување на нашите врски како на билатерален, така и на мултилатерален план. Културата и понатаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите. Да ги негува и промовира различностите во секој аспект. И токму заради тоа , јас знам дека со поголема културна соработка , може да се надеваме на поголема економска соработка, дополни премиерот Заев.

Постои голем потенцијал за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, зашто имаме силни страни, истакна министерот за култура и туризам на НР Кина, Лоу Шуганг, кој допатува на Форумот со државна делегација.

  • Постои огромен потенцијал во нашата соработка, затоа што сите имаме свои силни страни, или во креативноста или на пазарот, кои што може да бидат комплементарни и меѓусебно да се инспирираат преку културна размена. Кина е секогаш подготвена да ги здружи силите со ЗЦИЕ, со цел да оствари стабилна соработка, карактеризирана со отвореност, инклузивност, универзални придобивки, баланс и резултати, каде сите се победници, рече кинескиот министер за култура и туризам, Шуганг.

Форумот кој започна претпладне, продолжува попладне со усвојување т.н. Скопска декларација за културна соработка за 2020 и 2021 година. Документот вклучува и План со конкретни активности за соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина. Активностите се однесуваат на соработка во областа на креативните индустрии, културното наследство, филмот и неговата дистрибуција,  библиотеките, а планирано е да се формира и симфониски оркестар со музичари од земјите од Процесот „ 17 +1“. Исто така, попладне ќе биде промовирана веб платформата на Координативниот центар за културна соработка, кој по одлуката на третиот  Министерски форум, одржан во Кина, минатата година, почна да работи  во нашава земја. Новиот Координативен центар за културна соработка ќе го унапреди опсегот на квалитет на институционалните и вонинституционалните културни врски, истакна нашиот министер за култура, Хисни Исмаили.

  • Тоа ќе биде наш придонес за зголемување на опсегот на квалитет на институционалните и неинституционалните врски и акции. Зашто само преку уметноста и културата ние ќе го подобриме светот , во кој живееме, рече министерот Исмаили.

Четвртиот Fорум на министри за култура на Процесот „ 17+1“, продолжува и утре, во Археолошкиот музеј.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ