Дијалогот меѓу Пикасо и Мице Јанкуловски со две награди на Саемот за уметност во Солун

По гласањето на публиката на Меѓународниот саем за современа уметност во Солун, од вкупно 4 награди кои се доделуваат, 2 отидоа за изложбата „ Неочекуван дијалог меѓу Пикасо и Мице Јанкуловски“. Нашиот сликар , колекционер и директор на галеријата Остен, за црните платна во акрил, од циклусот „ Форма 3“, на кои светлината доловува различни подвижни прикази,  ја освои наградата „ Ел Греко“, за најдобар автор.

  • Со гребењето на платното, на црната боја, како што се движи сонцето, така и ефектот што не сум го правел механички, природата сама го прави, изјави Мице Јанкуловски-награден со „ Ел Греко“ за најдобар автор.

За концептот на изложбата, во која платната на Јанкуловски дијалогизираат со керамиките на Пикасо, дел од колекцијата на галеријата Остен, а дел од друг грчки колекционер, награден е кураторот од Атина, Стефанидис.

  • Имаме многу силен уметник од Балканот и многу силен уметник од Шпанија. Имаме јукста позиција и исто така врска меѓу нив, изјави Манос Стефанидис-куратор на изложбата.

Јанкуловски за прв пат се претстави на Саемот за современа уметност во Солун,  на првото негово издание, во 2016 година.

  • Ние сѐ почнавме заедно. На почетокот полека. Овој пат погласно, а тритиот пат ќе биде „ бум“. Се надевам, разбирате? Ние мора да се поттикнуваме меѓу себе за да правиме заедно големи проекти, изјави Пантелис Цацис-основач и директор на Саемот за современа уметност во Солун.
  • Овие претставувања се најдобар пример за она што е наша заложба за културна дипломатија, меѓутоа и за разбивање на стереотипите и затвореноста која што ја имавме, особено во поглед на соседите, рече Роберт Алаѓозовски- национален координатор за култура и меѓуресорска соработка.

Меѓу 38 галерии од Европа, Азија, Америка и Грција, нашата земја на саемот ја претставува и 62 годишниот Центар за современа ликовна уметност од Прилеп. Тие презентираат дела од тројца грчки уметници, меѓу кои е заслужниот за збирката на МСУ- Скопје, по земјотресот, Јанис Гаитис и српскиот автор Зоран Ивановиќ. Саемот за современа уметност во Солун трае од 21 до 24 ноември.  

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ