
ДЛУМ се врати повторно во ГТЦ привремено и бара трајно решение за галерија
Ново привремено решение кое не ни ги решава потребите, велат уметници- поранешни претседатели на ДЛУМ, за новиот изложбен простор кој денеска беше отворен, со кој повторно се вратија во ГТЦ. Од ДЛУМ бараат власта да им обезбеди трајно решение за галерија зашто новиот простор можат да го користат бесплатно само 120 дена во годината.
“Од 1963 ни се нудат само привремени решенија. Јас би сакал ова да не биде тоа, да биде трајно, меѓутоа по се изгледа дека ова е некое привремено решение кое не ги решава потребите на ликовната асоцијација”, вели сликарот Коле Манев.
“Мислам дека е крајно време да се превземе нешто и да се направи нешто за нас- фела која веќе 73 години егзистира. И бројката на ликовни уметници е толку многу зголемена” – додава графичарот и дизајнер, Костадин Танчев Динка.
Борбата за сопствен галериски простор, не ја изостави во обраќањето ни актуелниот претседател на ДЛУМ , поврзувајќи ја со концептот на отворената изложба, насловена „ Претседателите на ДЛУМ“ и со 75 годишнината од ослободувањето на Скопје.
“Како и денот, денешен, кој се празнува за извојување на победата над фашизмот и ослободувањето на градот Скопје, е борба на сите 30 претседатели на ДЛУМ за соодветен галериски простор на Друштвото, за да го добиеме во овие години” – подвлече претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски.
Иако од ДЛУМ велат дека со години разговарале со министрите за култура за доделување нов галериски простор, од ресорното министерство велат дека до сега до нив не стигнало такво барање и дека Друштвото има уште една година да ги користи без надомест просториите што им ги дале во 2010 година во Безистенот на Старата скопска чаршија.
И градоначалникот Шилегов, отворајки ја галеријата на ДЛУМ „ Арт Хаб“, рече дека ќе се заложи да добијат трајно сместување. Изложбата „ Претседателите на ДЛУМ“ опфаќа слики и скулптури од 21 претседател на Друштвото.
Од првиот, Мартиноски до актуелниот, Фидановски. Таа ќе биде отворена до 25 ноември.
Сотир Трајков