
Министерот за култура без одговор на прозивката од опозицијата за оставка
Ресорниот министер, Роберт Алаѓозовски без одговор на прозивката на опозицијата , да ја повлече Годишната програма за култура и да поднесе оставка, по многубројните реакции во јавноста околу одлуките на комисиите.
„Не прикриваме ништо , ниту одбегнуваме одговорност. Едноставно сме расположени и упатуваме повик до сите граѓани, до сите вработени во институциите и надвор од институциите, доколку имаат сознанија за било каква неправилност, да не известат. Ние ќе пристапиме согласно процедурите и законите“, кажа Роберт Алаѓозовски- министер за култура.
Одговарајќи на новинарско прашање за доделени 3, 5 милиони денари на две фирми, формирани од страна на брачниот пар Фаризи за време на конкурсот, министерот за култура рече дека за такви случаи веќе побарале мислење од Антикорупциската комисија .
Побаравме мислење од Антикорупциската комисија, а секако отворени сме за ЈО или за други институции, доколку побараат од нас. Секако дека комисиите ќе ги преиспитаат сите оние проекти за кои што ќе се утврди неправилност. И ќе се пристапи кон преиспитување на проектите од аспект на оние замерки што беа изнесени во јавноста, додаде Алаѓозовски.
Ресорниот министер призна дека не бил запознаен со одлуката на член од комисијата за музичка и музичко-сценска дејност , да не ја потпише листата со одобрени проекти. Тој рече дека знаел за несогласувањата меѓу членовите на комисиите. Министерот Алаѓозовски информира дека на Владина седница денеска поминал текстот на Националната стратегија за култура 2018-2022 година, која ќе овозможи реформи во оваа област. Стратегијата е придружена со Акциски план, кој ги содржи приоритетите. Во следниов период, Националната стратегија ќе оди на гласање во Собранието на РМ.
Сотир Трајков