
Неопходен е интегративен пристап во заштитата на културното наследство
Заштитата на културното наследство во просторното и урбанистичкото планирање бара да бидат вклучени повеќе институции. Голем број релевантни истражувачки проекти и напорот на стручни тимови кои работеле на нив за жал малкумина го валоризираат во урбанистичкото планирање, смета Тричковска.
Особено за подрачја кои од праксата покажале дека се деликатни и не вродуваат многу плод. Затоа што не постои меѓусекторска соработка на завидно ниво, а и онака има проблем во самите сектори. Оттаму сметаме тие проблеми треба да се решаваат на ниво на Министерство за култура и на другите надлежни институции, управата за заштита на културното наследство и службите за заштита, вели Јулија Тричковска, член на ИКОМОС Македонија.
Без носење на Национална стратегија за заштита на културното наследство е невозможно носењето на Закон за заштита на културно наследство на кој исто така се чека. Во фаза на изготвување се неколку законски проекти и загрижувачки е колку бавно се одвива тоа, вели Шуманов.
Според мене, а и според други колеги нелогично е донесување на Закон за заштита на културно наследство, а претходно да немаме Национална стратегија за заштита на културното наследство. Тој чекор како да е прескокнат барем за нас, за мене. Прво треба да се донесе Националната стратегија, а потоа да се донесат измените на новиот закон или нов закон, оценува претседателот на ИКОМОС, д-р Лазар Шуманов.
Вклучувањето на недвижното културно наследство во урбанистичкото планирање подразбира поголеми конзерваторски интервенции на истото во неурбанизирани средини и комплементарни истражувања на надлежните служби, заклучуваат учесниците на денешната трибина за планирање на просторот со културно наследство.
Нина Стефанова