
Не се знае кој дал дозвола за новиот изглед на “Менада”
Ќе го изгуби ли автентичниот изглед локалот Менада, сместен во заштитената зона на старата Скопска чаршија ?
Откако на 30 јуни последните закупци го напуштија објектот, тој има нов , но непознат сопственик, кој како што се гледа од поставеното платно, планира да изгради современ застаклен објект со розова фасада.
Иако од предната страна, на платното е напишано дека наскоро ќе биде отворен нов ресторан- пицерија, од страна и од горе се гледа дека објектот внатре е сеуште руина и не може брзо да биде изграден.
Засега е неизвесно кој ја дал дозволата за новиот изглед на локалот Менада. Но, извесно е дека институциите меѓу себе си ја префрлаат одговорноста.
Од Општина Чаир велат дека нивниот Градежен инспекторат е надлежен само за контактните зони на Скопската чаршија и дека Министерството за транспорт и врски има надлежност за објектите во внатрешноста на чаршијата. А, министерот за транспорт и врски Сугарески вели дека тие немаат добиено барање за реконструкција и дека за случајот треба да постапи друга институција.
Државниот градежен инспекторат мора да постапи бидејќи во Министерството за транспорт и врски нема доставено барање за реконструкција, за изградба и т.н.
Телма контактираше со Државниот градежен инспекторат од каде ни рекоа дека ќе ја проверат ситуацијата на терен и дека соодветно ќе постапат.
За недозволивиот современ изглед на локалот Менада, по допрен глас реагирале од Градскиот конзерваторски центар. Како што телефонски ни кажа директорот Коле Чапкановски, нивни инспектори излегле на терен, направиле извештај и го доставиле до Управата за заштита на културното наследство.
Според директорот Ацо Костов, сеуште не го добиле извештајот од Градскиот конзерваторски центар, но независно од тоа, имаат законска можност и од Управата ќе испратат на терен нивни инспектори за да ја утврдат фактичката состојба.
Објектот Менада за кој се врзуваат бројни урбани легенди, е проект од 1974 година на архитект –урбанист, Мимоза Несторова Томиќ.
Сотир Трајков