
Поштенските марки – културно богатство што патува низ просторот и времето
Живееме во време на нови технологии со неверојатно брза комуникација.
Се поретко се пишуваат писма и се помалку се испраќаат картички.
И токму затоа изложбата „Ликовната уметност во марките на Македонска пошта“ потсетува на поврзаноста на поштенските марки и ликовната уметност.
Делата на бардовите Мартиновски, Личеноски, Коџоман, Кондовски, Белогаски, Лазески, Мазев на овие поштенски марки се културно богатство што патува низ времето и просторот.
“Според мене многу е важно овие марки да патуваат низ светот. Тоа е најголема пропаганда за државата за ликовната уметност во Македонија, затоа што се застапени бардовите на македонската ликовна уметност и тие треба да се видат во светот не само преку изложби, туку вака би биле достапни до обичните граѓани. И тоа е апел до граѓаните кога испраќааат некое писмо да бараат да не биде електронски обележано писмото, туку со марка која ќе раскажува низ просторот и времето за кутурното богатство на оваа држава” – вели Климе Коробар.
За жал новите генерации никогаш не го искусиле возбудливото доживувањет при праќање и примање писма, тие денес комуницираат со електронски пораки и мобилни телефони, вели Мухиќ.
“Уметниците се на некој начин гласници од тој свет, а вакви изложби се еден вид организирани експонати на амбасадите од тоа време на вечното, совршеното и беспрекорното царство. И тоа е она што е убаво тука. Тоа се писма, картички, пратки дојдени од таму, од каде нашата душа го собира чувството за убавината. Тие се потсетување на нешто што ние знаеме дека сме го имале и не враќа назад со тоа” – оценува Ферид Мухиќ.
Во поставката се застапени и поштенски марки со делата на Микеланџело, Роден, Ван Гог и Пикасо.
Самата изложба „Ликовната уметност во марките на Македонска пошта„ во организација на Музејот на град Скопје и Македонски пошти има за цел да го поттикне интересот кај новите генерации филателисти, за овие поштенски марки со делата на македонските уметници да имаат своја иднина.
Нина Стефанова