
Интервју со Рубенс Корубин
Н.Стефанова: Која е поетиката на Ателјето и радоста на сликањето ?
Р.Корубин: Ателјето е еден простор што обезбедува или каде што водам еден вид втор живот, меѓутоа тој не е одвоен од она што нас не опкружува надвор од атељето. Енергетски тие две работи се поврзани . Меѓутоа тоа е простор каде создавам каде што во процесот на сликањето се отвораат нови визии нови приказни. Значи многу важен дел од мојот живот и моето творештво. Затоа и во склоп на самата изложба и самиот наслов кажува јас и еден мал дел од атељето пренесов тука во таа следната просторија. Тоа е еден мал свет: штафелајот маса со многу различни предмети кои што често пати се иницијалната каписла за да се создаде една нова приказна. Некогаш е потребна архитектурата и структурата на еден мал предмет, но може да порасне во нешто многу поголемо.
Н.Стефанова: Кои се нештата за кои и денес мечтаете, а кои се нештата кои сеуште успеваат да ве направат гневен ?
Р.Корубин: Гневен … Многу нешта можат да ме направат гневен . Јас сум човек од крв и месо како и секој. Меѓутоа се обидувам да бидам позитивен, да внесам позитивна енергија во животот. Животот секој од нас го сака полнокрвно. Тоа е цел и манифестација на човековото постоење. Она што ме радува е сликарскиот ден, денешниот и утрешниот. Што се може да произлезе во една слика не знаеме.
Н.Стефанова: Колку за вас беше важна ликовната критика и дали имате чувство дека таа недостасува денес?
Р.Корубин: Знаете што тој фидбек е многу важен, особено за некој од помладата генерација. Ако Вие направите некој настан перформанс или изложба и ви дојдат само пријателите и потоа тоа не е никако обележано. Па два пати, па три пат помалку сте демотивирани да работите понатаму. Би сакал да има еден посилен протокол за следење на сите културни настани кои се случуваат, особено во овој случај во ова поле каде јас работам во ликовната област. Мислам дека е занемарена доста.
Не значи дека ако некого критикувате дека треба да му станете смртен непријател или обратно тој вас да ве гледа како некоја опасност . Моментот на транспарентност и на разговор може да не зближи. Вие кога разговарате со некој, на дете кога му објаснувате, јас како родител знам. Кога му се обраќате вие може да го искарате, меѓутоа крајната цел е тоа да биде поуспешно, поздраво, повитално во животот и да го развие својот потенцијал .