Премиера на „Бесачи“ во МНТ

Наградениот текст со „Лоренс Оливие“, „ Бесачи“, од Мартин Мекдонах, ги доловува предрасудите и трагичниот, животински инстинкт кај човекот, кога бара крв и е спремен да го убие својот близок.

При тоа, убиствата со смртна казна, во име на правдата, ја чинат темата на претставата, вели режисерот Јавор Грдев.

“Според мене, нема подобра тема од темата, дали човекот има право да убива и да плаче за правда преку убиства, т.е. преку нарушување на првата божја заповед, која вели-Не убивај! Тоа, колку човекот може да биде правичен во правдата, за Мекдонах и за мене е проблематично” – изјави режисерот Јавор Грдев.

Претставата не враќа во Британија во 1963 година, кога е укината смртната казна. Но, семејството на поранешниот егзекутор, Хари Вејд, во изведба на Никола Ристановски, повторно е изложено на нови предизвици поради кои се бесат поединци. Морничавите сцени на сокривање на злосторствата, низ режијата добиваат црнохуморен и ироничен израз.

“Овдека требаше да излеземе од трагичниот аспект, да го поминеме него, да поминеме низ драмскиот аспект, да излеземе од него. И да отидеме во комедија за да постигнеме граничен жанр, што се базира на можноста , современата публика да ја фати ироничната содржина” –рече режисерот Грдев.

Хиерархијата на бесачите ја доловуваат и Јордан Симонов и Благој Веселинов, а играат уште 10 актери од средната и помладата генерација.За богатиот визуелно- симболичен приказ беа задолжени, сценографот Никола Тороманов и костимографот Свила Величкова, а музика компонираше Калин Николов.

Поради големиот интерес, нема билети за утрешната реприза, па на заинтересираните им остануваат изведбите на 8 и 9 октомври.   

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ