Барањата на Синдикатот за култура се прифатливи и се работи на нив, велат од ресорното министерство

По вчерашното соопштение од Синдикатот за култура, базирано на состанокот на Советот на СКРМ, одржан на 20.06.2019, во кое се бара ревизија на противзаконски нивелираните плати во дел од установите од културата, во присуство на членството на Синдикатот, како и усвојување нов Закон за остварување јавен интерес во културата и нов Колективен договор, од Министерството за култура одговараат дека се работи на барањата на Синдикатот за култура и дека тие се прифатливи за нив. Соопштението на Министерството за култура, го објавуваме во целост.

Министерството за култура активно и засилено работи на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон. Министерството за култура работи транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на законот и на колективниот договор за култура.

Во неодамнешниот процес на нивелација на платите коj уследи по долги години неправда во поделбата на платите во културата поради неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платите, учество земаа сите релевантни фактори меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата.

Во оваа смисла, а во врска со соопштението на Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ) во кое се бара ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година, Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување на правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

Рокот  за потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година со почеток на спроведување од 01.01.2020 година, истакнат во барањата на СКРМ е прифатлив рок и за Министерството за култура, па затоа искажуваме уверување дека со сите засегнати страни како и со СКРМ, ќе работиме подеднакво посветено, конструктивно и ангажирано во постигнување на заедничката цел, подобри услови за работа во сферата на културата во Република Северна Македонија.

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ