
„ Филмовите што ги сакавме“ на изложба во Кинотека на Северна Македонија
Златниот лав на Милчо Манчевски, златните арени на Столе Попов и сребрената на Бранко Гапо, фотографии и постери од 130 филмови од поранешна Југославија, меѓу кои и повеќе македонски, претставени низ документи и плоча со музиката од филмот „ Исправи се Делфина“, на композиторот Славе Димитров, од денеска се на увид на јавноста во Кинотеката на Северна Македонија. Изложбата, насловена „ Филмовите што ги сакавме “, е резултат на потпишаниот меморандум за соработка меѓу нашиот Државен архив и Историскиот архив на српскиот град Пожаревац, вели директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
- Се работи за 65 паноа, кои што пред 6 години ги има изработено Историскиот архив на Пожаревац, а се однесуваат на југословенската филмска продукција, од 1945 до 1980 година. Ние оваа изложба ја збогативме со еден македонски сегмент, кој што опфаќа период на документи што се чуваат во Државниот архив, од 1945 се до 1991 година. Меѓутоа, како логичен след на еден континуитет во филмската продукција кај нас, решивме да го изложиме и Златниот лав на Милчо Манчевски, како највисоко достигнување во областа на кинематографијата, на овие простори, вели директорот на Кинотека на Северна Македонија.