Филип Јовановски со „Оваа зграда зборува (на) вистина“ на Прашкото квадриенале
На претстојното, 14 Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор, нашата земја ќе ја претставува визуелниот уметник, архитект и сценограф, Филип Јовановски, со проектот „ Оваа зграда зборува (на) вистина“. Проектот се состои од инсталација и перформанс, кој ќе го изведува во живо актерката Кристина Леловац, секој ден во 13 часот, во македонскиот павиљон. Неговата презентација на квадриеналето, ќе се одржи на 7 јуни, велат од Музејот на град Скопје, кои се носители на проектот. Според авторот Јовановски, кој по втор пат ја претставува нашата држава на Прашкото квадриенале, проектот „ Оваа зграда зборува (на ) вистина“, е продолжение на неговиот проект од 2015 година, посветен на скопската Железничка зграда.
- Самиот проект е зградата. Самиот перформанс е зградата. Некако се обидовме тоа да го интегрираме и со изведбата на Кристина и просторно. Тоа може да се види. Самиот процес на истражување што го имавме со станарите, е нараскинлив дел од формата и на претставувањето во Прага и на она што го правевме во реалниот живот, вели авторот на проектот, Филип Јовановски.
- Тоа што ни се случува на пошироко ниво, се случува во самата зграда. Под притисокот на капитализмот и општествените случувања и моќните корпорации, се губи идејата за јавниот простор и генерално се освојува од приватниците, од капиталот и т.н. Така што преку овој проект сакавме да ја потенцираме важноста на јавниот простор, вели кураторката Ивана Васева.