
Денеска се отвора македонскиот павилјон на Венециското биенале
Палатата Рота Иванчич во центарот на Венеција, од денеска до 24 ноември ќе биде место каде туристите и граѓаните ќе можат да го видат проектот „ Субверзија во црвено “.
Со него уметницата Нада Прља ја претставува нашата земја на 58 Венециско ликовно биенале. Проектот ќе биде распореден во 6 простории, во прекрасниот објект од 17 век.
“Одиме со една инсталација, каде претежно се претставуваат скулптури и слики. Понатаму, изложбата продолжува со една голема маса, црвена маса, на која ќе имаме на денот на отворањето, во 19 часот, дискусија меѓу врвни теоретичари на Левицата, но исто така и критичари на уметноста, кои ќе зборуваат за тоа што претставува иднината за нив”, вели Нада Прља, македонската претставничка на Венециското биенале.
„ Субверзија во црвено“ е продолжение на започнат проект на Прља од 2013 година. За Венециското биенало, во него се додадени дела од нашите уметници Борко Лазески, Јордан Грабулоски, Борис Николовски и од српската уметница Олга Јевриќ. Општествената стварност и сликата за поубав свет и местото на културата во него, е тематски фокус на проектот.
“Секогаш размислувам за тоа како уметникот се наоѓа во светот, како уметникот реагира на ситуациите околу него. И мислам дека уметникот не смее да биде одвоен од тоа што е околу него и да не рефлектира на овие теми. Не само да рефлектира, туку и да најде начин како да го направи овој свет, подобар” – подвлекува Прља.
Зад организацијата на македонското претставување во Венеција стои Музејот на современа уметност. Комесар е Мира Гаќина, куратор е Јованка Попова, куратор- соработник е Тевж Логар од Словенија, а соработник, Артан Садику.
Сотир Трајков