
Неизвесно одржувањето на фестивалот на античка драма „ Стоби“
Разочаран сум и од првичната и од повторната распределба на сретставата во Годишната програма за култура, со која за Фестивалот на античка драма „ Стоби“, нема ни денар, вели во телефонски разговор за Телма, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Според него, сретствата во Програмата биле распределени непринципиелно, необјективно и неправично и со тоа на Велес , како еден од трите градови во Европа , каде се организираат фестивали на античка драма, му е нанесена голема неправда.
- По два основи сме оштетени. Прво, затоа што не се предвидени сретства за фестивалот, а вториот основ е, затоа што и театарот во Велес , „ Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, доби многу малку финансиски сретства. И всушност како домакин на фестивалот, Велес со својот театар , не може да настапи, да направи премиерна претстава, како што тоа го правеше со години и децении на назад, вели Коцевски.
Но, претседателот на Здружението ФАД-Стоби, Зоран Љутков , во писмено соопштение вели дека причината за недоделувањето сретства за годинашното 18 издание на фестивалот на античка драма, од страна на Министерството за култура, лежи во градоначалникот Коцевски.
- Во 2017 година, новиот градоначалник ни ја одзеде делегираната надлежност под изговор дека „ Стоби“ или ќе се одржува биенално или ќе биде заменет со Рок фестивал. Таквиот однос на Општината му даде сигнал на Министерството за култура дека организаторите имаат несериозен однос спрема фестивалот. И затоа, во 2018 година Министерството за култура од во просек 1 милион денари, колку што добивавме во минатото, одобри само 300 илјади, а во 2019- 0 денари, вели Љутков
Градоначаникот на Велес, ги демантира овие тврдења со образложение дека Здружението го злоупотребило името на фестивалот, основан од Советот на Општината, дека Љутков како претседател го организирал во несоодветни услови, со малку претстави и публика и поради тоа му биле одземени надлежностите. И покрај контактите со Министерството за култура, со раководството на Велешкиот театар и со бизнис заедницата од градот, Коцевски вели дека е неизвесно одржувањето на фестивалот на античка драма ,зашто ни Општината во буџетот нема пари, да го организира.
Сотир Трајков