Стефан Миленковиќ: Во тешко време важно е да се занимавате со убави нешта

По пауза од 10 години , некогашното „ чудо од дете“ , виолинистот Стефан Миленковиќ, повторно ќе настапи со нашата Филхармонија. За вечерашниот концерт под диригентство на Борјан Цанев, Миленковиќ ќе свири дела од Вивалди, Сарасате и Паганини. А, во кусата средба со нашата екипа на денешната проба пред концертот, Стефан Миленковиќ рече дека овие тешки времиња на глобално ниво се како создадени за уметниците.

Беше „ чудо од дете“, а денес е суверен владетел на светските концертни подиуми. Истакнатиот српски виолинист со интернационална кариера, Стефан Миленковиќ , со кого се сретнавме на пробата, пред вечерашниот концерт со нашата Филхармонија, не ја криеше радоста што по 10 години потворно ќе музицира со неа и ја пофали нејзината нова концертна сала.

  • Јас немам впечаток дека всушност поминале 10 години. Во меѓувреме се враќав , бев во Охрид на „ Охридско лето“, така што некако во Скопје сум често и така тој континуитет се одржа, барем во емотивна смисла и со публиката. Така што ми е многу драго што сум тука, да свирам повторно овде , во оваа прекрасна сала. Навистина имате една од наубавите и најдобрите сали на Балканот сега, изјави Стефан Миленковиќ- виолинист и педагог.

Миленковиќ започна да свири виолина од три години. На 6, веќе го имаше првиот концерт. Дипломираше на Универзитетот во Белград, потоа се дообразува на престижната њујоршка школа Џулијард, каде еден период и предаваше. Настапувал пред Реган, Горбачов и пред папата Јован Павле Втори, а денес покрај концертната активност е професор на Универзитетот во Илиноис. 39 годишната дружба со виолината ја опишува како партнерски однос кој е се подобар и подлабок и кој останува предизвик. Смета дека за уметникот нема подобро од ова во глобални рамки, тешко време.

  • Мислам дека нема подобро време за да се биде уметник. Знаете кога е се идеално, во суштина да се работи нешто убаво не отскокнува, нема толкав контраст. Мислам дека токму кога нештата не се лесни, да се прави нешто убаво и да се занимавате со музика, не е само уште поубаво, туку и уште поважно, изјави Стефан Миленковиќ- виолинист и педагог.

Миленковиќ со Националната Филхармонија ќе изведе дела од Паганини, Сарасате, а за барокните дела на Вивалди, ќе го предводи оркестарот, како солист-диригент.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ