Дивите депонии станаа ироничнo споменици на некултурата

Во изминатите 10 дена во рамките на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство, посетивме над 200 депонии низ цела Македонија. Најубавите и најразвиените депонии кои се истакнуваа со својата диверзитетност и богатство, а едновремено и најдобро го упропастуваа пејзажот, ги одбeлежавме со пригодни табли, односно ги прогласивме за национално културно наследство кое мора да се заштитува и негува, велат од Центарот за современи уметности. Oд таму велат дека според сознанијата до кои дошле при подготовката на оваа акција на територијата на Македонија, постојат преку 300 диви депонии и скоро 6 пати повеќе односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта. Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта можеме да ги посочиме Полошкиот регион, а зад него се Скопскиот и Кумановскиот регион, иако ниту еден регион не заостанува значително. Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 км и се наоѓа на двата брега по течението на Вардар, од Гостивар до Јегуновце, каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30км, а најголемата раздалечeност без ѓубре на овој терен, е неполн километар. Во рамките на оваа акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата со пригодни табли беа маркирани 30- тина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија. Фотографиите со детални локации од над 50 диви депонии и ѓубришта кои беа опфатени во оваа акција ќе бидат испратени и до надлежните во Министерството за екологија, велат од Центарот. Акцијат е е дел од проектот „ Креативни заедници“, на Центарот за современи уметности – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Текстот од таблите – Споменик на ѓубрето од прва категорија, Ѓубриште бр. 0236, Категорија II – делумно загрозено Одлука за заштита бр. 12-34-7689, на интервладиното тело за заштита на ѓубришта и депонии. Депонијата е под заштита на законот како дел од движното а недвижно културно, историско и општествено наследство на Македонија. Според преданието депонијата ја подигнал Петко од Трајкота од долно маало ко ја рушеше плевната и ја реновираше ќуќата, со срдечна помош на брат му Ѕоне, неговиот баџанак Диљо и нивните комшии и пријатели, во иронија велат од Центарот за современи уметности. Според науката пак, истата е од почетокот на 21-от век, од страна не непознат неимар од околната населба, а за нејзиното одржување и развивање се грижат граѓаните и селаните од околината како и надлежните инспекторати. Депонијата/ѓубриштето е дел од 1176-те диви депонии во Македонија, подигнати од граѓаните на Република Северна Македонија, како дел од проектот: „Македо-депонија – Диво ѓубриште за секое село и град “, велат од Центарот за современи уметности.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ