Проектот за зелен кров на ГТЦ ќе го поправат архитекти од Асоцијацијата и од Архитектонскиот факултет

Проектот за зелен кров на ГТЦ, кој Град Скопје го реализира во партнерство со UNDP, ќе го корегираат од Асоцијацијата на архитекти и од Архитектонскиот факултет, изјави денеска градоначалникот на Скопје. Според Шилегов, при  минатонеделните консултации со претставници од Асоцијацијата и од факултетот, не биле утврдени пропусти, што се однесуваат на статиката, изолацијата и зеленилото и дека не е нарушена функционалноста на објектот. Но, почитувајќи ја вољата на архитектите, корекции во проектот ќе има, рече градоначалникот.

Имајќи предвид дека постоеја извесни реакции од дел од структурата, веќе стапивме во контакт со нив и внатре, во рамки на законските можности кои што се дадени и правилата кои што беа определени од UNDP, преку „ Скопје урбан центар “, каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет на Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“, ќе бидат извршени определени корекции на проектот, согласно нивното мислење, рече Шилегов.

Измените во проектот за зелен кров на ГТЦ, следуваат по бројните реакции во јавноста. Претседателот на АА, Мартин Пановски, за Телма изјави дека иако проектот е донација на ГТЦ од Агенцијата за недвижности „ Дом –Дизајн“, дека е направен старомодно, спротивно на идејата на авторот Живко Поповски  и дека е без инвентивни решенија. А, за содржините на проектот, од „ Прва Архи бригада“ рекоа дека се профитерски. Во одбрана на проектот се јавија од UNDP, со објаснување дека Трговскиот центар е една од најжешките урбани точки во Скопје и дека целта на проектот, е да се постави зелен кров, за да се намали температурата,  која во споредба со таа на плоштадот, е 10 степени Целзиусови, повисока.  За зелениот кров што ќе се протега на површина од 1800 метри квадратни и за кој Град Скопје ќе издвои 550 илјади евра, Шилегов рече дека со него ќе се обезбеди нова јавна површина за граѓаните на место што ќе се спаси од досегашното уништување.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ