
Архитектите против зелениот кров на ГТЦ
Новиот проект на Град Скопје за поставување зелен кров на ГТЦ ги разлути архитектите. Тие велат дека проектот не е направен според стандардите на архитектурата и не го почитува она што го направил архитектот Живко Поповски со неговиот тим, градејќи го ГТЦ.
Итна заштита на современата архитектура во земјава, вклучително и на ГТЦ, бараат од Владата, од Асоцијацијата на архитекти. Според претседателот на Асоцијацијата, проектот за зелен кров на ГТЦ е старомоден, без нови содржини и направен како донација.
- Има еден дизајн кој што е да речеме 20 години стар, може и повеќе. Никаква нова содржина, без никаква инвенција во него. Прво што дознавме е дека проектот е донација од проектантите што ГТЦ ја прифатила. Еве можам и да го повикам ГТЦ да побара донација од Асоцијацијата на архитекти и ќе добие едно 10 решенија подобри од ова, вели Мартин Пановски, претседателот на Асоцијацијата на архитекти.
За содржините во проектот за зелен кров на ГТЦ, реагираа и од „ Прва Архи бригада“.
- Доста ни е од насрешници, фолии, кафичи- пушални, ѕидчиња, павер елементи, кич-фонтанчиња, профитерство, напишаа од „ Прва Архи бригада“ на ФБ.
Молк од Град Скопје, кои за зелениот кров на ГТЦ планираат да потрошат околу 550 илјади евра. Од таму не сакаа да дадат изјава во камера, а не одговорија ни на испратените прашања, до затворањето на прилогот. Но, одговорија од „ УНДП “, кои се партнери на Град Скопје. Од таму велат дека тоа е обид преку пилот проект да се демонстрира современ концепт за надминување на предизвиците.
- Термалното мапирање на Град Скопје кое што го направи „УНДП“, во текот на изминатите месеци покажа дека ГТЦ е една од најжешките урбани точки во градот. Постои температурна разлика од скоро 10 степени Целзиусови помеѓу Плоштадот и покривот на ГТЦ, велат од УНДП
Од УНДП потврдуваат дека го спровеле тендерот за проектот , но дека сеуште не е потпишан договор со изведувач. Проектот за зелен кров на ГТЦ е авторство на фирмата за недвижности „ Дом – Дизајн“. Тој се однесува на дел од кровот на ГТЦ, кој гледа кон плоштадот . На 1800 метри квадратни површина, проектот вклучува 29 дрвја, повеќе од 30 садници, три фонтани, шафовска табла, бина, кафе бар, клупи, корпи за отпадоци и места за оставање велосипеди.
Сотир Трајков