„Медена земја“ за фер употреба на природните ресурси

Чист , природен мед од диви пчели од „Медената земја“, на Атиџе и другите протагонисти во филмот, имаа можност да пробаат преставниците на медиумите и останатите кои денеска дојдоа во МКЦ, да ја споделат среќата со наградените на „Санденс“. Главната наградата во категоријата најдобар светски документарец, специјалната награда за влијание за општествени промени, како и наградите на снимателите Феими Даут и Самир Љума, биле неочекувани и за нив и за фестивалот, велат од екипата.

Според критиките што ги добивавме на проекциите, знаевме дека некоја награда ќе земеме. А си велевме, можно ли е да земеме две награди? Зашто ни кажаа дека тоа  многу ретко се случувало. Ама за три, не очекувавме никако, вели продуцентот Атанас Георгиев.

И покрај 5- те проекции во рамките на „Санденс“, за филмот владеел голем интерес, како да е блокбастер и многу луѓе останале без билети пред вратите на кино салите, дополни продуцентот. Низ приказната за упоребата на мед од диви пчели, филмот „Медена земја“, зборува за два спротивствавени принципи на упореба на природните ресурси и праќа еколошка порака, која очекуваме да заживее, вели режисерскиот двоец, Котевска – Стефанов.

Таа порака за околината е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно, дали е тоа мед, вели режисерот Љубо Стефанов.

Да се одржува што подолго таа порака, е многу важно. Не конкретно фамата околу филмот, туку некако полека да прераснува во начин на живот, смета режисерката Тамара Котевска.

Документарецот е сниман од 2015 до 2018 година, на локации во и околу селото Бекирлија , во Централна Р С М. И екстериерите и соработката со протагонистите биле извонредни, велат наградените сниматели.

Односот на Атиџе кон пчелите ми даде доверба што никогаш не помислив дека сме изложени на опасност, вели снимателот Самир Љума.

Местото каде што снимавме беше сликовито. Каде да свртиш, кадар да снимиш, беше спектакуларно, рече снимателот Феми Даут.

Филмот „Медена земја“ е подржан од Швајцарската агенција за развој, од фондот за документарци на фестивалот во Сан Франциско и од Агенцијата за филм. Продукцијата е на „Аполо медија“ и на „Трајс Филмс“, а музика компонираше групата Фолтин. На 12 и 13 март, филмот ќе има две затворени проекции за медиумите, а пошироката јавност ќе го види во август, на фестивалот „ Македокс“. Во меѓувреме, дистрибутерот „Неон“, од САД ќе го прикажува во 15 градови, а се очекува наскоро и дистрибуција низ Европа.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ